КАДЕ ШТО ЗАЕВ ГО БРИШЕШЕ „МАКЕДОНСКИ“, ФИЛИПЧЕ ПИШУВА „СЕВЕРНОМАКЕДОНСКИ“ Тие се на иста линија со Бугарија
Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ му порача на Венко Филипче од СДСМ да се вразуми и да ги штити македонските интереси, а не бугарските. „Само Филипче и СДСМ повикуваат на уставни измени, кои се првиот чекор од „сетот“ барања на Бугарија“ – рече Манасиевски.
Поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев почна со бришење на терминот „македонски” од сите државни институции, а сега неговиот потрчко и чувар на фотелјата во СДСМ Венко Филипче е спремен на тоа празно место да напише „северномакедонски” – обвини Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
– Само СДСМ и Филипче немаат проблем кога некој нѐ нарекува „северномакедонци”, затоа за нив тоа е успех и се горди на тоа. Само Филипче и СДСМ, и нивниот врховен лидер Заев, немаат проблем да водат антинационална и антидржавна политика, која е во интерес на бугарските власти. За нив, нема ништо лошо во тоа Бугарија да го негира нашето постоење пред 1944 година, нашите револуционери и дејци да бидат Бугари и нашиот македонски јазик да биде произлезен или пак дијалект на бугарскиот јазик – рече Манасиевски.
Според Манасиевски, само Филипче и СДСМ повикуваат на уставни измени, кои се првиот чекор од „сетот“ барања на Бугарија.
– Филипче и СДСМ се на иста линија со Бугарија. Ставовите им се исти, барањата им се исти. Уценетиот Филипче молчи и не одговара за што е уценет од група на бугарски политичари. Дали во уцената е вмешан и Зоран Заев – праша Манасиевски.
Тој му порача на Филипче да се вразуми и да ги штити македонските интереси, а не бугарските.
– Македонија мора да добие јасни гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање за влез на Македонија во ЕУ. Македонија мора да влезе во ЕУ како достоинствена, горда и исправена држава, а не наведната, усрамена и понижена како што беше со влезот во НАТО – рече Манасиевски.