ИЗЈАВАТА ДЕКА ЕСМ НЕ Е ОШТЕТЕНО ВО СЛУЧАЈОТ „ТЕЦ НЕГОТИНО“ НЕ ЈА ДАЛ ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР!? Наместо него изјави дале помошник директор и советник

Врз основа на нивните изјави, меѓудругото, била прекината истрагата за случајот „Мазут во ТЕЦ Неготино“, тежок 167 милиони евра – пишува Фокус.

402

Наместо генералниот директор, помошник директор и советник во АД ЕСМ дале изјави дека компанијата не е оштетена во случајот „Тец Неготино“, врз основа на кои, меѓудругото, била прекината истрагата за случајот „Мазут во ТЕЦ Неготино“, тежок 167 милиони евра – пишува Фокус врз основа на одговор што го добил од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција

„Со овластување од Генералниот директор на АД ЕСМ од 4.3.2026 година Помошник директор за производство на електрична енергија од хидроелектрани и управување со производни капацитети и Советник за комерцијални работи биле овластени како претставници на АД ЕСМ да дадат исказ како сведоци и претставници на оштетеното АД ЕСМ. Истиот ден, односно на 4.3.2026 година двајцата се сослушани и дале исказ во врска со кривично правниот настан од аспект на нивната надлежност. Воедно, на прашање дали како резултат на трите склучени договори опфатени во постапката АД ЕСМ има претрпено каква и да било штета двајцата одговориле дека штета нема претрпено“ – одговорило Обвинителството.






Обвинителката Катерина Коларевиќ вели дека во текот на постапката е анализирана обемна материјална документација, финансиски и договорни документи, вешт наод и мислење, како и искази од повеќе сведоци, претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино, како и претставници на економските оператори кои во критичниот период имале лиценца за трговија со течни горива-мазут.

Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.

Поврзани содржини