„НЕ КОРИСТАМ СЛУЖБЕН АВТОМОБИЛ, САМ ПЛАЌАМ ЗА ПАТУВАЊА И ЗА ГОРИВО“ Секој денар треба да оди кај граѓаните, вели Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Скопје тврди дека не користи службено возило и дека службените патувања ги плаќа сам. Во објава на Фејсбук порача дека секој денар од буџетот мора да заврши кај граѓаните.
Не сум дојден да живеам на грбот на граѓаните и работам домаќински, чесно и одговорно, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук. Ѓорѓиевски истакнува дека не користи службено возило туку сопствен, дека горивото го плаќа од сопствената плата, дека сам ги покрива службените патувања и дека буџетот за службени трошоци во Град Скопје е пренаменета за капитални проекти.
„Секој денар од буџетот мора да се врати назад кај граѓаните во нови улици, булевари, мостови, чист град, подобри услуги и проекти кои го менуваат Скопје. За само 6 месеци, градот кој беше оставен во огромна дупка го исправивме на нозе. Го вративме редот, ја вративме работата и ја вративме надежта дека Скопје може поинаку“.
Градоначалникот вели дека да се биде прв човек на градот е чест, но уште поголема одговорност.
„Одговорност пред граѓаните. Пред мојот народ“.
Тој вели дека претстојат многу капитални проекти и дека Градот продолжува со уште посилна реализација и, како што вели, со уште поголема одговорност.
„Не сме сите исти.Нас нѐ прават различни чесноста, транспарентноста и домаќинското работење од нашите претходници. Скопје заслужува градска власт која не троши за себе, туку работи за народот.
И токму така ќе продолжиме“, истакнува Ѓорѓиевски.