ПОТВРДЕНА Е ЕПИДЕМИЈА НА ЕБОЛА ВО КОНГО Умреле најмалку 65 лица, 246 се заразени

Африканскиот центар за контрола и превенција на болести потврди епидемија на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго. Досега се регистрирани околу 246 сомнителни случаи и 65 смртни случаи.

58

Водечката африканска агенција за јавно здравје денеска потврди дека во покраината Итури, во Демократска Република Конго, избувнала епидемија на ебола.

Африканските центри за контрола и превенција на болести соопштија дека поради ситуацијата ќе одржат итен состанок, додека здравствените власти предупредуваат на ризик од понатамошно ширење.






Според првичните податоци, пријавени се околу 246 сомнителни случаи и најмалку 65 смртни случаи, најмногу во здравствените зони Монгбвалу и во Рвампара.

Не е најсмртоносниот сој

Агенцијата соопшти дека првичните анализи укажуваат на сој на вирусот што не припаѓа на Заир, најчестиот и најсмртоносен тип на ебола.

Во тек е дополнително секвенционирање за попрецизно утврдување на карактеристиките на вирусот.

– Постои ризик од понатамошно ширење поради урбаното опкружување и интензивното движење на населението – предупреди Африканскиот центар за контрола и превенција на болести.

Здравствените власти се особено загрижени поради мобилноста поврзана со рударските активности во регионот.

Смртоносен вирус

Еболата е тешка вирусна болест што често има фатален исход. Се пренесува преку директен контакт со телесни течности од заразени лица, контаминирани предмети или тела на починати пациенти.

Конго со години се соочува со периодични епидемии на ебола, а здравствените системи во делови од земјата остануваат под силен притисок.

Поврзани содржини