НЕ ЈА СПРЕЧИЛЕ УПОТРЕБАТА НА ПИРОТЕХНИКАТА ВО „ПУЛС“, НЕ ПОМОГНАЛЕ ПРИ ЕВАКУАЦИЈА Обвинетите 13 полицајци не се чувствуваат виновни за пожарот
Обвинителството истакна дека многубројни материјални и вербални докази со кои ќе ја докаже вината на 13 полицајци за делото Тешки дела протв општата сигурност при пожарот во сикотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 луѓе, а 222 беа повредени.
Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети во предметот поврзан со пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а 222 беа повредени. На денешното рочиште обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а Обвинителството оцени дека полициските службеници со пропусти во постапувањето придонеле за настанување на трагичните последици.
Судскиот совет, со кој претседаваа судијките Фанка Јанчулева-Михаиловска и Лидија Петровска, на почетокот на рочиштето го одби барањето за изземање на судијката Петровска поради роднински врски со сопругата на еден од адвокатите на оштетените, оценувајќи дека станува збор за подалечно сродство, без интензивна комуникација.
На подготвителното рочиште одбраната достави дополнителни докази и побара одложување на постапката до завршување на главниот предмет што се води за пожарот во „Пулс“, со образложение дека станува збор за суштинско претходно прашање. Судот го одби предлогот.
Во текот на расправата судијката Јанчулева-Михаиловска оцени дека одбраната не дала конкретен одговор што точно е спорно во обвинението.
– Очекував ова рочиште да биде поконструктивно. Може да продолжиме со рочиште за главна расправа. Сте ги примиле доказите и сте имале можност да се запознаете со нивната содржина, во оваа фаза постојат услови за одржување на главната расправа – рече судијката.
Обвинителката Спасенка Андонова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во воведното излагање наведе дека Обвинителството спровело обемна истражна постапка и обезбедило многубројни материјални и вербални докази.
– Содржината на обезбедените докази е преточена во диспозитивниот дел на обвинението во кој е даден опис на дејствата на обвинетите, односно начинот на кој постапувале критичниот период што им се става на товар од 14.3 до 16.3.2025 година и кои дејства несомнено надоврзани едно на друго резултирале со сериозни последици за животот и телото на граѓани – рече обвинителката.
Според Обвинителството, обвинетите Марија Маневска и Томо Донев изготвиле план за акциска контрола, без да ги опфатат сите проверки што биле во надлежност на МВР и без соодветна процена на ризик, а раководните лица Дејан Салтировски и Ванчо Ѓоргиевски не го потпишале и оне го добриле планот навреме, туку тоа било сторено по трагичниот настан.
Обвинителството тврди и дека полициските службеници што биле во „Пулс“ не презеле мерки за спречување на употребата на пиротехничките средства за време на концертот на ДНК, иако можеле да ги забележат на сцената.
– Полициските службеници, влегувајќи во кабарето „Пулс“, имале можност да ја забележат пиротехниката на бината. Но, не презеле ниедно дејство во насока на проверка на дозволеноста за негова употребата ниту пак се фокусирале за преземање дејствија што би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните од објектот – рече Андонова.
Сите 13 обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност и рекоа дека сториле сè што можеле.
Во воведниот збор на одбраната беше оценето дека обвинението е контрадикторно и дека не постои причинско-последична врска меѓу постапувањето на обвинетите и пожарот, како и дека полициските службеници постапувале според вообичаен акциски план и не можеле да знаат дека ќе биде употребена пиротехника. Според одбраната, полициските службеници на критичниот ден биле неколку минути присутни во кабарето и почнале да работат по обврските наведени во планот за акциска контрола и не знаеле и не можеле да знаат дека воопшто ќе се користат пиротехнички средства кои ќе предизвикаат пожар.
Одбраната најави дека во текот на постапката ќе докажува дека акцискиот план бил законски донесен и дека некои од обвинетите воопшто не влегле во кабарето „Пулс“.
Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. На критичната ноќ кога избувнал пожарот, полициските службеници ниту ја прекинале забавата ниту го спречиле активирањетп на пиротехниката.