СО КАМЕРИ И АЛАРМИ ЌЕ СЕ ШТИТАТ ОД ВАНДАЛИ УЧИЛИШТАТА ВО ШТИП Градоначалникот најави 190 безбедносни камери низ градот
По вандализмот во најголемото Општинско основно училиште (ООУ) „Ванчо Прке“ во Штип, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов денеска најави дека во сите училишта освен што има видео надзор ќе бидат поставени и алармни системи, со цел дополнително да се превенира против девијантни појави. Во ова училиште беа уништени смрт табли, компјутери, надгледни средства, а имало обид и да се поплави еден од катовите.
– Видео надзор имаме во сите образовни институции. Но за да се превенира и полесно да се идентификува и лоцира проблемот потребно е да бидат лоцирани алармни системи кои ќе сигнализираат и ќе овозможат да се спречи девијантна појава каква што имавме во ООУ „Ванчо Прке“ – вели Јорданов.
Тој најави дека против ваквите вандалски појави низ градот ќе се постават и 190 безбедносни камери, а ќе бидат поставени пред институции, низ централното градско подрачје, пред училиштата и градинките, како и низ парковите.
– Тоа што го планираме е и на јавните површини, на голем дел од пристапите до самите институции да се постават безбедносни камери кои верувам дека ќе му служат на СВР Штип, кога има ваков инцидент полесно да се утврди сторителот и да се санкционира – изјави Јорданов.
За да се подигне свеста кај малолетниците за одговорно однесување, во наредниот период покрај техничките мерки, ќе се организираат обуки и работилници со родителите, наставниците, учениците. Целта е психолози и педагози да разговараат со сите, но ќе зборуваат и за последиците од девијантното однесување и како тоа може да влијае врз нивниот живот.
Штетите во училиштето „Ванчо Прке“ се санирани и ова е прв ваков упад во едно штипско училиште.