Безготовинско питачење во ЕУ

Многумина Швеѓани, кога веќе немаат пари во џебовите, излегуваат од супер маркетите со купен сендвич или некој друг прехранбен продукт што му го ставаат на питачот в рака. Го прават тоа со поглед на сожалување, или, пак, со солидарен респект за еднаквата вредност на сите луѓе, сеедно.

98

Во некои европски земји луѓето веќе со носталгија се обидуваат да се присетат кога последен пат почувствувале дека во џебот имаат метални парички. Монетата како средство за плаќање полека исчезнува. Многумина се сеќаваат дека ставањето паричка во телефонска говорница порано делумно беше и како нешто свечено. Ја одмерувате паричката во раката и ја вреднувате во однос на повикот. Дали вредеше да се јавите? Ја гледавте како се лизга во автоматот и исчезнува. Но сега и говорниците и готовината се минато – а луѓето се чувствуваат поосамени од кога било.

Телефоните, се разбира, не исчезнаа. Станаа мобилни и се развија толку многу што многумина веќе сѐ поретко се јавуваат со нив. Во скандинавските градови сите седат со погледи вперени во нив во трамвај или во автобус, кога наутро одат на работа. Читаат вести, или се занимаваат со некоја лесна игра. За миг ќе ја подигнат главата да проверат на која постојка застанува автобусот и потоа повторно го спуштаат погледот кон екранот во раката.

Телефонот што порано ги зближуваше луѓето од двете страни на линијата сега, всушност, ги прави поосамени со тоа што ја врши функцијата едновремено како компјутер, кредитна картичка и телевизор. Сѐ во едно, преку технолошкиот развој луѓето драстично го редуцираат сето она што порано се сметало за природна потреба, па дури и вештините за комуницирање во општеството.

Шведска и Норвешка се сметаат за едни од најбезготовинските општества во светот, каде што дигиталните плаќања и картичките доминираат речиси целосно. Употребата на готовина драматично падна под 10 проценти, а се очекува многумина продажни синџири и компании целосно да престанат да прифаќаат готовина до 2030 година, поттикнати од силната дигитална култура и високата технолошка зрелост.

Развојот е загрижувачки и ги засега луѓето кои од различни причини живеат во дигитална исклученост и кои и понатаму имаат потреба да користат готовина за да ги вршат своите секојдневни плаќања. Ова се однесува на различни групи: голем дел од постарите лица, лицата со попреченост, социјално или економски ранливите, загрозените или прогонувани лица. Според некои пресметки, во Шведска станува збор за околу еден милион луѓе. Бидејќи тие генерално се финансиски слаби, а исто така имаат тешкотии да го искажат својот глас, и, за жал, стануваат помалку интересни како муштерии и консументи во потрошувачките општества.

Без готовина банките ги контролираат сите пари на граѓаните. Освен што можат дополнително да го зголемат својот профит, тие се во можност да ги контролираат финансиите и на поединците и на компаниите преку надоместоци и трошоци. Без никакви алтернативни средства за плаќање, сите стануваат целосно зависни од банките.

Во ЕУ се дебатира интензивно за овој проблем. Во некои земји, како што е Германија, готовината сѐ уште не е загрозена како средство за плаќање, додека на други места е видлив сличен развој како и во скандинавските земји. Во Шпанија е донесен закон дека готовината треба да се прифаќа во трговијата.

Во Холандија пред извесно време министерката за финансии, образложувајќи го предлогот на нејзината влада за обезбедување готовина како средство за плаќање, нагласи дека го оправдува тоа, затоа што готовината е сигурно и единствено средство за плаќање за кое е одговорна државата.

Но актуелниот развој во ЕУ покажува и поинакви насоки. Во Брисел од неодамна е донесена одлука за нови правила за плаќања во готово. Од 2027 година, во рамките на ЕУ ќе има заедничка горна граница, што значи дека повеќе нема да биде дозволено да се плаќаат големи суми во готово при купување стоки и услуги.

Границата е поставена на 10.000 евра. Целта е да се зајакне борбата против перењето пари и другите финансиски кривични дела. Никој не ограбува банка или продавница во кои не се користи готовина. Црните пари потешко се перат без готовина.

Според Европската комисија, готовината е сè уште вообичаен начин за анонимно движење на пари, што го отежнува следењето на поголемите плаќања во готово. Затоа, за да се спречи тоа, се воведува ограничување на износот на готовина што можете да ја носите со себе.

Сепак, новото правило на ЕУ не значи дека готовината е забранета. Редовните купувања во продавници, во ресторани или за време на одмори не се засегнати. Наместо тоа, ограничени се големите плаќања во готово.

На земјите од ЕУ им е дозволено и да имаат пониски ограничувања од максималното ниво на ЕУ. Данска тука се издвојува затоа што во таа земја веќе постојат значително построги правила. Од минатата година данските трговци не смеат да прифаќаат 15.000 дански круни или повеќе во готово по трансакција. Ова важи и ако плаќањето е поделено на неколку помали делови, ако плаќањата се поврзани со истото купување.

Нема никакво сомневање дека во многу сегменти технолошкиот развој сериозно ги менува вообичаените начини на кои функционирале општествата. Носталгичното чувство кое може да ве обземе поради тоа што ви недостасува ѕвечкањето на метални парички во џебот, посебно ја погодува уште една општествена група – питачите.

По приемот на Романија во ЕУ бројката на романски граѓани кои живеат во други ЕУ-членки се зголеми за преку 15 отсто. За таквата слика несомнено сведочи и масовното питачење во скандинавските и другите западноевропски градови од страна на романски и бугарски Роми, кои на таков начин легално го ползуваат правото на слободно движење на работна сила на подрачјето на ЕУ, обидувајќи се едновремено да најдат и подобар начин за подостоинствено преживување. Ова прашање веќе подолго време го следат и низа политички контроверзи и остри спротивставувања, на линија од либералниот пристап кон основните човекови права па до барања за забрани и рестрикции, околу што политичките партии во западните европски земји сѐ почесто дебатираат во жолчна атмосфера.

Луѓето повеќе немаат ситни пари за да фрлат по некоја монета во испружената рака на питачите кои седат пред влезовите на продавниците во трговските центри. Но природата на човекот, генерациски вкоренетата хумана димензија, не може лесно да се промени. Многумина Швеѓани, кога веќе немаат пари во џебовите, излегуваат од супер маркетите со купен сендвич или некој друг прехранбен продукт што му го ставаат на питачот в рака. Го прават тоа со поглед на сожалување, или, пак, со солидарен респект за еднаквата вредност на сите луѓе, сеедно. Едно нешто е сепак сигурно. Безготовинското општество тешко ќе може да ја укине и човечката емпатија.

Поврзани содржини