📷 KОНЕЧНО ВО ФУНКЦИЈА МОСТОТ ШТО ГИ ПОВРЗУВА АЕРОДРОМ И ГАЗИ БАБА Ѓорѓиевски најави расчистување на пречките за 60 дена

Градоначалникот на Скопје соопшти дека мостот „Генерал Михајло Апостолски“ ќе биде ставен во функција по завршените експропријации. Градските власти најавуваат целосен сообраќаен проток во рок од 60 дена по средувањето на потребната документација и процесот на преселување на луѓето кои живеат во објектите на трасата.

244

Конечно, мостот „Генерал Михајло Апостолски“ се става во функција, информира градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. На својот профил на Фејсбук Ѓорѓиевски вели дека она што со години беше симбол на застој, неодговорност и нерешени проблеми, конечно добива решение.

„Мостот што народот со право го нарекуваше ‘мост кој не води никаде’ или „мост за ловење риба“, повеќе нема да биде потсетник на нечија неработа, туку ќе стане вистинска сообраќајна врска во служба на граѓаните. Мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, конечно ќе биде ставен во функција. По неколку години хаос, одолговлекување и немање волја да се олесни секојдневието на скопјани, денес со гордост можам да кажам дека овој горлив проблем го решаваме“, истакна градоначалникот.

Завршени се експропријациите, кои беа најголемата пречка и со години го кочеа пуштањето на мостот во употреба, вели Ѓорѓиевски.

„Сега следува воспоставување целосен и функционален сообраќаен проток, по наредните 60 дена од започнувањето на подготвителните активности, средувањето на потребната документација и процесот на преселување на луѓето кои живеат во објектите на трасата“.

„Тука, искрено и од срце, сакам да им се заблагодарам на овие домаќини, културни и чесни луѓе, со кои пуштивме рака за овој проблем да стане решение. Благодарам за домаќинскиот пристап, за разбирањето и за кафето што го испивме заедно. Да се заблагодарам на моите колеги Бобан Стефковски и Дејан Митески за посветеноста и поддршката. Во мене тие немаат само градоначалник, туку човек кој ќе биде тука за нив, исто како што тие, со својата одлука и разбирање, денес се тука за стотици илјади граѓани на Скопје. Ветив дека овој мост ќе биде решен во рок од четири години. Но, со работа, посветеност и силна волја, го решаваме за само шест месеци од мојот мандат! И не е само овој мост. За шест месеци ги откочивме и ‘Момин Поток’, булеварот Борис Трајковски, мостот на Љубљанска и булевар Македонија – проекти кои со години изгледаа невозможни, а денес стануваат реалност“, посочи Ѓорѓиевски.

Порача дека тоа е разликата кога има волја. Тоа е разликата кога се работи.

„Тоа е разликата кога зборот даден пред народот станува обврска, а не празно ветување. Ова е резултат на силна, макотрпна и секојдневна работа. Но најмногу од сѐ, ова е резултат на волјата што ја добивам од вас, мојот народ. Кога се сака, почитувани, сѐ се може. Продолжуваме силно напред, за Скопје какво што го сакаме и какво што го заслужуваме“, истакна Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини