БОЛЕДУВАЊАТА ПОД ЛУПА, ФОНДОТ КРОИ НОВИ ПРАВИЛА Се размислува и породилното да трае 12 месеци
Фондот за здравствено осигурување најавува измени во правилникот за боледувања. Директорот на институцијата вели дека целта е поголема транспарентност додека се разгледува и продолжување на породилното отсуство.
Сомнежите за злоупотреба на боледувањата го натераа Фондот за здравствено осигурување да разгледа измени во Правилникот кој ги уредува боледувањата. Директорот на Фондот, Сашо Клековски, вели дека контролите во институциите се интензивирани, односно се двојно зголемени во споредба со минатата година, додека најголемо барање имало од Министерството за одбрана.
– Контролите за нас се исто така поука каде има недостатоци во системот, продолжуваме и оваа година, сега имаме големо барање од Министерството за одбрана за контроли во ова министерство. Продолжуваме со контроли и го систематизираме проблемот – изјави Клековски.
Клековски вели дека се прават анализи што треба да се подобри во оваа насок и информира дека е формирана работна група за измена на правилникот за боледувања и дека се во консултации со матичните лекари.
– Целта на измените во боледувањето не е скратување на оправданите барања, туку прекинување на злоупотребите, за да се остави простор за оние кои навистина имаат потреба. Потребна е и дигитализација на процесот за ефикасност и транспарентност – изјави Клековски.
Од Фондот информираат дека се размислува и породилното отсуство да се продолжи на 12 месеци, како во некои земји од регионот, но претходно треба да се разгледаат финансиските анализи, бидејќи породилното отсуство се исплаќа со 100% надомест.
Што се однесува до доцнењата со исплатите, директорот Клековски им се извини на родилките и рече дека се обидуваат да најдат решение за стандардизација на пресметките, бидејќи тие во моментов се прават рачно.