ДЕЖУРНИ НАСТАВНИЦИ НА ОДМОРИТЕ ВО СЕКОЕ УЧИЛИШТЕ Јаневска најави мерка по врсничкото насилство во Ѓорче Петров

По тешкиот случај на врсничко насилство во општина Ѓорче Петров, Министерството за образование испратило допис до училиштата дека мора да се врати праксата наставник да дежура на големите и малите одмори.

78

Министерството за образование и наука (МОН) постапува по закон и сопствените ингеренции, случајот со врсничко насилство во основно училиште во Ѓорче Петров е пријавен во Државниот просветен инспекторат (ДПИ), изјави министерката за образование Весна Јаневска.

Таа вели дека министерството дополнително се обратило до градоначалниците и испратило допис до училиштата дека мора да се врати една стара пракса, која, како што вели, постоеше и покажуваше ефекти.

– А тоа е на големите и малите одмори да има дежурен наставник, а не дежурни ученици во ходниците, туку дежурни наставници, кои ќе водат грижа за настаните во училиштето, не само во ходниците и во дворот на училиштето – вели Јаневска.

Случајот со девојче од шесто одделение кое заврши на лекар и психијатар откако било горено со цигари понижувано од соученичките во паркот близу општината ја разбранува јавноста во април.

Министерката посочи дека она што се случило надвор од училиштето не е оправдување, дека се работи за ученици на одредено училиште и  дека наставниците мора да имаат увид во тоа како се однесуваат нивните ученици затоа што, како што рече, тоа е воспитно-образовен процес.

– Со овој допис ги задолживме дежурните наставници да бидат на видно место за кога ќе оди ДПИ во контрола да ги види. Се надевам дека ќе даде некаков ефект и оваа мерка што ја промовираме. Сега, дополнително, се спроведува и по прирачникот за справување со врсничко насилство и по закон. Оттука, и градоначалникот, и директорот, и наставниците треба да си ги спроведат своите обврски така како што е пропишано. МОН го прави она што треба да го направи. Оваа мерка е задолжителна и е испратена до сите училишта во државата – додаде Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во науката.

Поврзани содржини