ПРВИОТ ЧОВЕК НА УЕФА ВО СКОПЈЕ Чеферин се сретна со Мицкоски и првите луѓе на ФФМ за развој на фудбалот во Македонија

Разговорите биле насочени кон инфраструктура, инвестиции и поддршка на младите фудбалски таленти.

51

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, денеска престојуваше во официјална посета на Фудбалска федерација на Македонија, при што оствари средба и со премиерот Христијан Мицкоски. Во фокусот на разговорите биле развојот на фудбалот, инвестициите во инфраструктура и поддршката за младите таленти.

Од Владата информираа дека на средбата се разговарало за визијата и перспективите на фудбалот, како и за создавање подобри услови за напредок и нови можности за младите играчи. Мицкоски ја истакнал посветеноста за вложувања во спортската инфраструктура и поддршка на развојните процеси.

Посетата на Чеферин во земјава е на покана на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, а од федерацијата оценија дека таа претставува потврда за добрите односи меѓу ФФМ и УЕФА. Според нив, присуството на првиот човек на европскиот фудбал е дополнителна поддршка за развојот на македонскиот фудбал.

Во делегацијата на УЕФА биле и Зоран Лаковиќ, директор за национални асоцијации, како и Денис Бастари, раководител за развој на национални асоцијации.

Според најавите, разговорите биле насочени кон реализација на инфраструктурни проекти, унапредување на младинските категории и продлабочување на соработката меѓу УЕФА и ФФМ. Од федерацијата посочуваат дека посетата може да резултира со нови иницијативи и програми за развој на фудбалот на сите нивоа.

Поврзани содржини