МЕРКАТА ЗА САМОВРАБОТУВАЊЕ ВО ПОДЕМ КАЈ МЛАДИТЕ Речиси 1.900 бизниси се отворени, вели ВРЕДИ
Коалицијата ВРЕДИ соопшти дека младите се во фокусот на политиките за вработување и претприемништво. Според податоците, најголем дел од новите мерки и бизниси ги реализираат лица до 29 години.
Младите се двигател на развојот, државата ги отвора вратите на пазарот на трудот, вели коалицијата ВРЕДИ истакнувајќи дека со Оперативниот план за вработување за 2025 година, од вкупно околу 13.000 лица планирани за вклучување, 8.576 или 70,9% се млади луѓе до 29 години.
„Сонцето на надежта за нашите млади свети посветло од кога било. Ова е јасен показател за определбата на помладата генерација да го пронајде своето место на пазарот на трудот и да ја гради иднината со свои раце.
Во најатрактивната мерка за вработување, Самовработување за поддршка на претприемништвото, осносно отворање личен бизнис, од вкупно 2.755 планирани нови бизниси, 1.896 се отворени од млади луѓе до 29 години. Ова е голем успех што докажува дека енергијата, креативноста и храброста на младите луѓе се двигател на економскиот развој.
Овие факти се повеќе од статистика: тие се жива надеж, тие се доказ за упорноста на нашите млади, кои не се откажуваат пред предизвиците, туку ги трансформираат во можности“, се вели во соопштението.
Вреди реафирмира дека поддршката на младите е незапирлив приоритет.
„Ние ќе продолжиме да бидеме покрај младите, давајќи им го сонцето на надежта, силата на упорноста и вербата дека иднината се гради со чесна работа и јасна визија“.