СЕГАШНАТА КРИЗА СО НАФТАТА И СО ГАСОТ Е ПОГОЛЕМА ОД КРИЗИТЕ ВО 1973, 1979 И ВО 2022 ГОДИНА ЗАЕДНО Ќе бидат погодени Европа, Австралија, Јапонија…
Најранливи се земјите во развој, кои ќе страдаат поради повисоките цени на нафтата и на гасот, повисоките цени на храната и општото забрзување на инфлацијата, вели Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ).
Сегашната криза со нафтата и со гасот предизвикана од блокадата на Ормускиот Теснец е посериозна од кризите во 1973, 1979 и во 2022 година заедно, изјави Фатих Бирол, шеф на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ).
– Светот никогаш не доживеал прекин на снабдувањето со енергија од ваков обем – рече тој во интервју за францускиот весник Ле Фигаро, објавено денеска.
Тој додаде дека ќе бидат погодени европските земји, како и Јапонија, Австралија и други. Но, најранливи се земјите во развој, кои ќе страдаат поради повисоките цени на нафтата и на гасот, повисоките цени на храната и општото забрзување на инфлацијата.
– Земјите членки на МАЕ минатиот месец се согласија да ослободат дел од своите стратешки резерви. Некои од нив веќе се пуштени на пазарот и процесот продолжува – рече Бирол.
Како реакција на нападите од Израел и САД, Иран од 28 февруари речиси целосно го блокира сообраќајот во Ормускиот Теснец, низ кој нормално минуваат речиси 20 проценти од светската нафта и гас, што предизвика ненадејно зголемување на цените на енергијата.