ХАОС ВО БЕЛАТА КУЌА Кој ќе биде следниот на кого Трамп ќе му каже „отпуштен си”?
Извори блиски до Белата куќа тврдат дека во најголема криза е министерот за одбрана Пит Хегсет, чие однесување, наводно, се граничи со параноја.
Вашингтон се соочува со сериозни внатрешни потреси, откако во врвот на американската администрација се отвори нов фронт – овојпат меѓу луѓето на претседателот Доналд Трамп. Според информации од извори блиски до Белата куќа, атмосферата е напната, а се подготвуваат нови смени кои би можеле дополнително да ја разнишаат администрацијата.
Во центарот на вниманието е министерот за одбрана Пит Хегсет, за кого дел од соработниците тврдат дека станал длабоко недоверлив кон сопствениот тим. Неговото однесување, според тие извори, се граничи со параноја – особено во однос на високите воени структури и луѓето во Пентагон.
Во последните недели, неколку високи офицери биле отстранети или маргинализирани, без јасни образложенија. Овие потези се толкуваат како обид на Хегсет да воспостави цврста контрола врз воениот врв, но истовремено предизвикуваат сериозно незадоволство и отпор.
Нервозата не се задржува само во Пентагон. Дел од советниците во Белата куќа веќе отворено предупредуваат дека ситуацијата излегува од контрола. Трамп, кој е под притисок поради надворешно-политичките предизвици и домашната сцена, наводно сериозно размислува за нови кадровски резови.
Дополнителен проблем е што претседателот добива филтрирани информации. Некои од неговите најблиски соработници, според извори, му презентираат „разубавена“ слика за реалната состојба – што создава опасен јаз меѓу вистинската ситуација и одлуките што се носат на врвот.
Шпекулациите се засилија по дмената на Пам Бонди, по засилените критики за нејзиното управување со Министерството за правда и обвинувања дека политички влијаела врз чувствителни истраги.
Во ваква клима на недоверба, внатрешни конфликти и политички калкулации, Белата куќа влегува во период на неизвесност. Прашањето е дали најавените смени ќе донесат стабилизација – или ќе отворат нов круг на турбуленции во американската власт.