ДОЖД И ОБЛАЦИ, ПА СОНЦЕ Температурите во пораст во наредните денови
Локален дожд се очекува во источните делови, додека од недела следува стабилизирање и пораст на температурите.
Променливо облачно време со сончеви периоди се очекува во текот на денот, информира Управа за хидрометеоролошки работи. Претежно во источните делови од државата ќе има повремен локален дожд и услови за појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, кој на одделни места повремено ќе достигнува и над 70 километри на час. Утринските температури ќе се движат од околу 0 степени во Маврово до 8 степени во Гевгелија, додека максималните дневни ќе бидат од 7 степени во Маврово до 18 степени во Гевгелија.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од 7 до 16 степени.
Според прогнозата, во недела ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од -1 до 8 степени, а дневните од 15 до 22 степени.
На почетокот на новата работна недела ќе продолжи сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Утринските температури ќе бидат од -1 до 7 степени, додека дневните ќе се движат од 16 до 24 степени.