ПРЕД СЕКОЕ ПАТУВАЊЕ ВО ЕУ ЌЕ МОРА ДА БАРАТЕ ОДОБРЕНИЕ ОН-ЛАЈН Новите правила предвидуваат и здравствена контрола
Одобрението преку ETIAS ќе чини 20 евра и ќе важи за повеќе патувања, сè додека пасошот на патникот е валиден. Но, и покрај тоа што претставува предуслов за патување, ова овластување не гарантира автоматски влез во Европската Унија.
Европската Унија влегува во нова фаза на контрола на патувањата, со значајни промени што директно ќе ги засегнат милиони граѓани од земјите со безвизен режим, меѓу кои и Македонија. Од последниот квартал на 2026 година, секој патник кој планира краткорочен престој во Шенген-зоната ќе мора претходно да обезбеди одобрение преку системот ETIAS, додека веќе од 10 април започнува целосната примена на EES, кој ќе го евидентира секое влегување и излегување од Унијата.
Новиот режим носи суштинска промена во начинот на кој се контролираат патниците, бидејќи проверките повеќе нема да се вршат само на граница, туку уште пред патувањето. Апликацијата за ETIAS ќе се поднесува онлајн, достапна 24 часа дневно, а системот автоматски ќе ги анализира внесените податоци, вклучително лични информации, податоци од биометриски пасош и историја на патувања. За првпат, како дел од овој процес, ќе се применуваат и автоматизирани здравствени проверки, чија цел е рано откривање на потенцијални епидемиски ризици.
Европските власти нагласуваат дека системот не собира детални медицински досиеја, туку работи со индикатори за ризик поврзани со глобални здравствени предупредувања и движења на патници од ризични региони. Податоците што ќе ги доставуваат патниците ќе се споредуваат со бази на информации што ги користат европските институции, под надзор на European Commission и граничните служби на земјите членки.
Во рамки на апликацијата, патниците ќе треба да одговорат и на прашања поврзани со претходни патувања, евентуални проблеми со имиграциски власти, како и посети на региони погодени од конфликти, нестабилност или здравствени кризи. Овие информации служат за проценка дали постои потенцијален ризик пред лицето воопшто да пристигне на европска територија.
За повеќето апликанти, процесот ќе биде брз и автоматизиран, со одобрение што се издава во рок од неколку минути. Сепак, доколку системот детектира одредени ризични индикатори, апликацијата може да биде проследена на дополнителна проверка од националните власти, што може да значи подолг процес или барање за дополнителни информации. Во ограничен број случаи, можно е и одбивање на барањето.
Одобрението преку ETIAS ќе чини 20 евра и ќе важи за повеќе патувања, сè додека пасошот на патникот е валиден. Но, и покрај тоа што претставува предуслов за патување, ова овластување не гарантира автоматски влез во Европската Унија, бидејќи конечната одлука останува во надлежност на граничната полиција на самите гранични премини.
Паралелно со ова, системот EES, кој започнува со работа со полн капацитет на 10 април, ќе функционира непрекинато и ќе ги заменува традиционалните печати во пасошите со дигитална евиденција. Овој систем ќе овозможи попрецизно следење на времетраењето на престојот и ќе помогне во спречување на злоупотреби на дозволениот престој во Шенген-зоната.