РИСТОСКА ДОЛГО ЧЕКАШЕ СО ОСТАВКАТА Јавното обвинителство треба да работи за народот, не за поединци, порача Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, оцени дека Јавното обвинителство со сегашните обвинители не ја исполнува својата функција и ги повика на оставки и реформи за интерес на граѓаните.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5, остро го критикуваше работењето на јавната обвинителка Ленче Ристоска, нагласувајќи дека оставката требало да ја поднесе многу порано.
Причината, според Петрушевски, е скандалот со бонусите на СЈО и политичкиот прогон врз функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
– Не гледам политички притисок од ВМРО-ДПМНЕ кон Ленче Ристоска, но во изминатите години јасно се гледа политички прогон од нејзина страна врз функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Јас очекував оставката веднаш по скандалите со СЈО, кога беа обелоденети суми од Буџетот на Република Македонија кои обвинителите ги земале како бонуси – рече Петрушевски.
Тој додаде дека, според изјави на поранешен јавен обвинител, тогашниот процес бил политички мотивиран, со влијание на Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Оливер Спасовски, кои заедно со Ристоска утврдувале кој функционер треба да биде под политички прогон.
– Сметам дека оваа оставка требаше да дојде многу порано. Имаме неефикасно Јавно обвинителство кое не ја спроведува својата задача, иако обвинителите земаат плата за тоа. Имаше можност да се истакне во реформите, а не денеска, кога предметите веќе не се во нејзин домен – посочи Петрушевски.
Пратеникот додаде дека граѓаните очекуваат резултати и функционален систем, а не задоволување на политички интереси на поединци.
– Нас ни е битно да функционира системот, односно Јавното обвинителство, а не поединци да бидат таму задоволени. Граѓаните бараат резултати, а не политички интерес на поединци – заклучи Петрушевски.