ПРОТЕИНИТЕ ОД СУРУТКА НЕ СЕ САМО ЗА СПОРТИСТИ Придобивки за здравјето, но и ризици што често се занемаруваат
Иако се богат извор на есенцијални аминокиселини и ги поддржуваат мускулите и имунитетот, овие суплементи не се без несакани ефекти – особено ако се користат неконтролирано. Нутриционистите препорачуваат протеините првенствено да се внесуваат преку разновидна и природна исхрана.
Протеините од сурутка одамна не се резервирани само за спортисти и фитнес ентузијасти. Сè повеќе луѓе ги користат како додаток во исхраната, но иако носат бројни придобивки, експертите предупредуваат дека постојат и ризици за кои малку се зборува.
Зошто се сметаат за корисни?
Протеините од сурутка се комплетни и висококвалитетни протеини кои ги содржат сите девет есенцијални аминокиселини – соединенија што телото не може само да ги произведе, а се неопходни за изградба на мускули, создавање имунолошки клетки и нормално функционирање на организмот.
Тие се и брзо апсорбирачки, што значи дека телото може да ги искористи значително побрзо во споредба со други извори на протеини. Токму затоа се популарни кај спортистите – особено поради аминокиселината леуцин, која игра клучна улога во растот на мускулите и опоравувањето по физичка активност.
Некои истражувања укажуваат дека протеините од сурутка можат да помогнат и во намалување на триглицеридите и зголемување на „добриот“ холестерол, што е важно за здравјето на срцето.