ЗА ШТО СЛУЖЕЛЕ МАКЕДОНСКИТЕ АРТЕФАКТИ ВО ФОРМА КУЌА-ЧОВЕК? Светско списание пишува за неолитската загатка
Archaeology Magazine објави прилог за обредните глинени куќи од Македонија, пишувајќи за нивната симболика. Станува збор за модели со човечки облик. Биле користени како светилки во чест на оној кој го основал домот.
Популарното списание Archaeology Magazine објави прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија, ставајќи ги овие уникатни артефакти во фокусот на светската археолошка јавност.
Во најновиот број на списанието е обработена темата за древните модели на куќи во светот, со посебен осврт на примероците откриени во Македонија.
Центарот за истражување на предисторијата оцени дека ваквото вклучување претставува врвна афирмација на македонското културно наследство.
„Обреден карактер“
„Истакнат е обредниот карактер на неолитските куќи, кој бил отелотворен преку антропоморфните модели“, се вели во соопштението на Центарот.
За потребите на прилогот бил консултиран археологот Гоце Наумов, кој ги објаснил општествените промени во неолитот и нивниот одраз во материјалната култура. Овие модели првично биле изработени во Пелагонија, а подоцна се појавиле и во други региони на Македонија.
„Ламби, неочекувана функција“
„Антропоморфните модели имале функција на комеморативни ламби, користени во чест на основачите на куќите“, се вели понатаму во текстот.
Според истражувањата, тие биле поврзани со духовната грижа за домот и заедницата.
Светот покажува интерес за Македонија
Центарот наведува дека прилогот предизвикал значително внимание кај читателите ширум светот.
„Интересот на вакво врвно списание покажува дека овие артефакти се соодветно презентирани во меѓународни публикации“.
Воедно се нагласува потребата од поголема заштита и промоција на овие уникатни предмети.