РУБИО ВЕЛИ ДЕКА КРАЈОТ НА ВОЈНАТА ВО ИРАН Е НА ПОВИДОК „Ќе ги преиспитаме односите со НАТО“
Државниот секретар на САД вели дека „Венецуела добро напредува“, а на Куба ѝ е потребна промена на политичкиот систем.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД ја гледаат „завршната фаза“ од војната со Иран, како и дека по конфликтот ќе треба да ги преиспитаат односите со НАТО.
– Ја гледаме завршната фаза. Нема да биде денеска, нема да биде утре, но е наскоро – изјави Рубио во интервју за американската телевизија „Фокс њуз“.
Војната започна на 28 февруари, со американско-израелски напади врз Иран, на што Техеран возврати со напади врз Израел и држави на Заливот во кои има американски воени бази.
Рубио посочи дека меѓу Иран и САД се разменуваат пораки и оти постои можност за непосредна комуникација меѓу двете страни.
Toj додаде дека Вашингтон ќе треба да ги преиспита односите со НАТО по завршувањето на конфликтот.
– На крајот тоа е одлука на претседателот. Но мислам дека, за жал, ќе треба да преиспитаме дали овој сојуз, кој добро и служеше на нашата земја одреден период, сè уште ја исполнува својата цел или се претворил во еднонасочна улица, во која Америка е ставена во позиција да ја брани Европа, а кога ни е потребна помошта на сојузниците, тие ни одбиваат пристап до бази и нивниот воздушен простор – изјави Рубио.
Toj рече дека Вашингтон е задоволен од „напредокот постигнат во Венецуела“ во последните три месеци и повтори дека планот на САД предвидува стабилизација на земјата, економско закрепнување и политичка транзиција со слободни избори. Целта е да се спречи масовна миграција, граѓанска војна и улични немири, наведувајќи дека такво сценарио досега не се случило.
Според него, земјата сега е во фаза на економско закрепнување, за време на која, тврди тој, економијата се обновува, а извозот на нафта до рафинериите во САД се зголемува. Приходите од продажбата на нафта се депонираат на сметки под контрола на Министерството за финансии на САД и се користат во корист на венецуелскиот народ.
Тој додаде дека како дел од овој процес, стотици политички затвореници се ослободени и озлогласениот затвор каде што, според него, биле држени политички противници на владата, е затворен.
Зборувајќи за ситуацијата во Куба, Рубио оцени дека земјата е во сериозна економска криза и дека ѝ е потребен процес на економски и политички реформи.
Според него, кубанската економија не функционира и земјата ќе има тешкотии да ги реши своите проблеми без промени во системот на владеење, додавајќи дека наскоро би можеле да има нови информации за политиката на САД кон Куба.