ДОЛГАТА ВОЈНА ВО ИРАН Ѝ ОДГОВАРА НА МОСКВА Зеленски предупредува на ризици за Украина
Украинскиот претседател предупреди дека долгиот конфликт на Блискиот Исток може да ја зајакне Москва и да ја ослаби воената позиција на Киев.
Продолжувањето на конфликтот во Иран би било од корист за Русија, а на штета на Украина, предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски во изјава за Аксиос.
Според него, долга војна на Блискиот Исток може да ја засили позицијата на Москва, бидејќи растот на цените на нафтата директно ја поттикнува руската економија, додека Украина би можела да се соочи со недостиг на системи за воздушна одбрана и друго клучно оружје.
– Сигурен сум дека Русија сака долга војна. САД се фокусираат на Блискиот Исток и можат да ја намалат воената помош за Украина. Гледам само придобивки за Русија – изјави Зеленски.
Тој додаде дека Киев споделил разузнавачки информации со лидерите на Блискиот Исток за наводната руска поддршка за Иран, вклучително и потенцијална помош во таргетирање на американски и сојузнички воени бази. Според Зеленски, Русија обезбедува и сателитски снимки и оперативно искуство стекнато од војната во Украина.
Украинскиот претседател изрази загриженост и поради можноста за олеснување на санкциите за руската нафта, што, како што оцени, дополнително ја зајакнува Москва во услови на глобална енергетска криза.
За време на неодамнешната посета на Блискиот Исток, Зеленски разговарал со лидерите на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Јордан за можноста за безбедносна соработка. Посетата на Израел, сепак, не се реализирала.
Зеленски предупреди и на можен притисок од американската администрација по завршување на конфликтот во Иран, оценувајќи дека Киев би можел да се соочи со барања за територијални отстапки за да се стави крај на војната.
– Сигурен сум дека претседателот Доналд Трамп и неговиот тим сакаат да ја завршат војната. Но зошто ние мора да плаќаме за тоа? Ние не сме агресори – порача Зеленски, додавајќи дека повлекувањето на украинските сили би претставувало сериозен ризик за безбедноста на земјата.