МИЛАНОВИЌ ГО ОТКАЖА СОСТАНОКОТ ОД БРДО-БРИОНИ Вучиќ му порача да си ги покани „другарите од Приштина и од Тирана“
Претседателот на Хрватска го откажа состанокот Брдо-Бриони поради затегнати односи со Србија. Претседателот на Србија возврати со изјава и иронична порака.
Хрватскиот претседател го откажа состанокот од процесот Брдо-Бриони, кој требаше да се одржи во мај, со образложение дека во моментов не е можно доаѓањето на српскиот претседател во Хрватска.
Милановиќ смета дека последните политички изјави и постапки на Вучиќ директно влијаат врз меѓудржавните односи и создаваат атмосфера во која ваков состанок не би имал смисла.
Со тоа, целиот процес Брдо-Бриони е ставен во застој, иако станува збор за формат кој има за цел регионална соработка и политички дијалог.
Вучиќ со иронија ја коментираше одлуката на Милановиќ.
– Тој е апсолутно во право, не припаѓам таму. Како претседател на Србија, отсекогаш сум сакал да одам и да положам цвеќе во Јасеновац.
Според српскиот претседател Милановиќ не требало да го откаже целиот состанок, туку можел „убаво да ги покани своите другари од Приштина и Тирана.
– Што се однесува до изјавите на кои се повикува Зоран Милановиќ, јас не сум негова работа и не сум негов Пленковиќ, за да мисли дека може да се изживува на мене како што тоа го прави со некои од своите луѓе или со претставници на други земји. Исто како што не сакам ниту Пленковиќ ниту Грлиќ Радман да диктираат што ќе кажам. Зборувам како слободен претседател на Србија и ја зборувам вистината – рече Вучиќ.
Хронологијата на оваа нова ескалација почнува уште во средината на март. На 13 март Вучиќ тврдеше дека соработката меѓу Загреб, Тирана и Приштина претставува закана за Србија и зборуваше за можен сојуз насочен против Белград. Само два дена подоцна, на 15 март, Милановиќ возврати дека таквите тврдења се „шакави“ и праша со што Хрватска воопшто би ја нападнала Србија, додавајќи дека не гледа логика во драматизирањето на односите.
Новиот јаз помеѓу Белград и Загреб дополнително се продлабочи на 28 март, кога на српскиот историчар Милош Ковиќ му беше забранет влез во Хрватска. Вучиќ тоа го нарече „дивјаштво“ и најави протестна нота.