СИЛУВАЧИТЕ НА МАЛОЛЕТНИЧКА ОД ВЕЛЕС ДОБИЈА ПОВИСОКИ КАЗНИ Апелација ја преиначи пресудата на 13 осудени
Апелациониот суд ја преиначи пресудата и им ги зголеми затворските казни на сите 13 осудени во случајот со сексуална злоупотреба на малолетничка.
Апелациониот суд Скопје ги одби жалбите на обвинетите во случајот познат како „велешката група“ и им ги зголеми затворските казни на сите 13 осудени лица, откако ја уважи жалбата на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Со одлуката, судот ја преиначи пресудата на Основен кривичен суд Скопје во делот на казните. На првообвинетиот Стефан Димовски, осуден за трговија со дете, казната од пет години и шест месеци му е зголемена на осум години и шест месеци затвор. На Дејан Спасиќ казната е зголемена од четири години и шест месеци на шест години и шест месеци, додека на Димитар Наков од четири години и шест месеци на осум години и шест месеци.
Повисоки казни добија и останатите обвинети. На Тино Илиевски казната од четири години му е зголемена на седум години и шест месеци, а на Савен Неделковски на шест години затвор.
На обвинетите Александар Филиповски, Бојан Филиповски, Антонио Зографски, Трајче Лазов и Ристо Вељанов казните од една година и шест месеци им се зголемени на по три години затвор. Иста казна од три години доби и Кристијан Тончов.
Условната осуда на Борче Коцев е заменета со ефективна казна затвор од една година.
Првостепената пресуда беше донесена во ноември 2024 година, кога 13 лица беа осудени за трговија со малолетник, силување и изготвување порнографски материјал со дете-жртва. Според обвинителството, првоосомничениот стапил во контакт со 14-годишно девојче преку Инстаграм, ја довел во заблуда и подоцна со закани ја принудувал на средби на кои биле извршувани сексуални злоупотреби.
Случајот се однесува на настани кои се случувале во станови на повеќе локации во Велес, а постапката беше затворена за јавноста. Апелација со најновата одлука ги зголеми казните, оценувајќи ја тежината на делата.