ИРАН МОЖЕ ДА ГО НАПУШТИ ДОГОВОРОТ ЗА НЕШИРЕЊЕ НА НУКЛЕАРНОТО ОРУЖЈЕ Конечната одлука ќе ја донесат Советот за национална безбедност и ајатолахот
Како потписничка на овој меѓународен договор Иран има преземено обврска за надзор над своите нуклеарни активности за да го увери светот дека не се стреми кон нуклеарно оружје.
Во парламентот на Иран се расправа за повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ), по бомбардирањето на неколку ирански нуклеарни објекти од страна на Израел и САД – изјави влијателниот ирански политичар Алаедин Боруџерди за Иранската државна телевизија, пренесува ДПА.
Како членка на меѓународните договори, Иран има преземено обврска за надзор над своите нуклеарни активности и го увери светот дека не се стреми кон нуклеарно оружје, рече тој.
Но, додаде, овие договори не беа наменети Иран „да ги прифати најстрогите инспекции, а да не добие никаква поддршка“.
Боруџерди, исто така, упати остра критика кон Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
– Многумина сметаат дека овие агенциски инспекции го отвораат патот за шпионажа. Според мене, дојде време да се повлечеме од НПТ – рече Боруџерди.
Договорот им забранува на земјите без нуклеарен арсенал да се здобиваат со нуклеарно оружје. Иранската влада претходно се закани дека ќе се повлече од овој договор.
Конечната одлука за ова прашање веројатно нема да ја донесе парламентот, туку Советот за национална безбедност или Врховниот лидер, духовниот и политички лидер во земјата, пренесува ДПА.