УБИСТВОТО НА ОХРИЃАНЕЦОТ МИТРЕВСКИ Е СНИМЕНО СО КАМЕРА Убиецот Жарко Гроздановски го задушил со една рака
По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот за доживотна издршка, осомничениот Гроздановски од зад грб физички го нападнал Климе Митревски, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот, со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт, соопшти Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело, Убиство предвидено во член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.
„На 25 март, осомничениот 53-годишник од тетовска Брвеница од користољубие лишил од живот едно лице. Делото го извршил во куќата на оштетениот во Охрид, со цел да го спречи сега починатиот Климе Митрески да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година. Според договорот, осомничениот по смртта на оштетениот требало да добие голем имот. Но, оштетениот веќе презел дејствија за раскинување на тој документ“, соопшти Јавното обвинителство.
По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот, осомничениот од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата, се додава во соопштението.
„За цело време го држел оштетениот со едната рака преку устата и носот, со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото“, се вели во соопштението на ЈО.
Присуството и дејствијата на осомничениот во критичниот период се евидентирани на снимки од видео надзор поставен во куќата на оштетениот, додава Обвинителството.
Во текот на претходната постапка се обезбедени и други снимки од видеонадзор за неговото движење, како и други материјални докази.
„Во конкретниот случај сомненијата упатуваат на особено тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите. Имајќи ги предвид овие околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или со уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор“, соопшти Јавното обвинителство.