ФУДБАЛСКА ВЕЧЕР ЗА ИСТОРИЈА Македонија игра за чекор поблиску до Мундијал
Избраниците на Гоце Седлоски вечерва во Копенхаген играат полуфинале од баражот за пласман на Светското првенство 2026.
Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Копенхаген ќе го игра еден од најважните натпревари во квалификациите за Светско првенство 2026. Избраниците на новиот селектор Гоце Седлоски ќе се соочат со Данска во полуфиналето од баражот.
Седлоски порача дека натпреварот има големо значење и дека тимот е подготвен за предизвикот.
– Ова е голем момент за сите нас. Имаме шанса да се бориме за место на Светско првенство и тоа е мотив што ја обединува целата држава. Данска е квалитетен и респектиран противник, но и ние сме тука со причина. Во тимот гледам енергија, концентрација и желба. Играчите го разбираат значењето на дресот и верувам дека тоа ќе го покажат на терен. Подготвени сме тактички, знаеме што сакаме да играме – изјави селекторот на прес-конференцијата.
Домаќинот влегува во дуелот како фаворит, но македонските фудбалери најавуваат максимално залагање во обид да го изненадат силниот противник.
Натпреварот ќе се игра на стадионот Паркен, каде се очекуваат околу 38.000 гледачи, меѓу кои и околу илјада македонски навивачи. Почетокот е закажан за 20:45 часот.
Победникот од овој дуел во финалето на плејофот на 31 март ќе се соочи со подобриот од натпреварот меѓу Чешка и Република Ирска.