📷 ПРИСТИГНАА 17 „СТРАЈКЕРИ“, ЌЕ ЈА ЗАСИЛАТ АРМИЈАТА Мицкоски најави уште инвестиции и опрема за модернизација

Премиерот вели дека новите оклопни возила значително ја зголемуваат оперативноста и мобилноста на Армијата и најави дополнителни инвестиции во одбраната. Министерот за одбрана истакнува дека преку 32% во нашиот буџет оди директно за модернизација на Армијата.

508

Оклопните возила „Страјкер“ кои пристигнаа и оние кои ќе пристигнат значително ќе го зајакнат капацитетот на македонската Армија, изјави премиерот Христијан Мицкоски изразувајќи лично задоволство.

Денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во скопски Петровец беа претставени 17 нови лесни оклопни возила „страјкер“ (stryker), набавени од Соединетите Американски Држави.






– Ова за нас многу значи, ја подобрува оперативноста практично, ја зголемува мобилноста на самата армија и на тој начни стануваме поконкурентни споредено со другите армии – изјави премиерот кој присуствуваше на презентацијата заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, вицепремиерот Александар Николоски и претставници од Армијата.

Мицкоски најави дека ќе продолжат инвестициите во Армијата со цел до 2032 година да се исполнат критериумите за модернизација и за вложување во Армијата.

Фото: АРМ
Фото: АРМ

–  Тоа што сега претставува минимум, ние сме многу над тој минимум и сме во тие земји коишто инвестираат повеќе од тој минимум што беше до сега 2% од БДП за разлика од некои други земји коишто сè уште не го постигнале тој минимум – додава Мицкоски благодарејќи им на присутните и на стратешките партнери САД и американската амбасада за поддршката.

Останатите нарачани „Страјкери“ би требало да стигнат до средината на летото, откри министерот за одбрана Мисајловски во изјавата за медиумите.

– Зад нас може да видите и други возила што во минатото биле во гаражите, а благодарение на проектот со Америка што се нарекува „Клиса“, еве ги ставивме во функција останатите возила. Така што, продолжуваме и понатака со нови проекти. Благодарност до премиерот, до владата што ни даде огромен буџет, би рекол, историски најголем во Министерството, а се справиме со сите предизвици – вели Мисајловски.

Фото: АРМ
Фото: АРМ
Фото: АРМ

Министерот истакнува дека она што го бара НАТО од нас е да вложуваме преку 20% во модернизација и, како што вели, ние го правиме тоа уште повеќе, преку 32% во нашиот буџет се директно за модернизација.

– Следат уште многу проекти, бидејќи во изминатиов период, заедно со нашите пријатели од САД, направивме повеќе договори, влада со влада, дел поминаа, најголем дел поминаа во Собранието. Очекуваме следниот период дополнителни наоружувања, дополнителна опрема, беспилотни летала, опрема за специјалните единици и многу, многу проекти.

Поврзани содржини