МОЖНИ РЕСТРИКЦИИ НА БЕНЗИНСКИТЕ Мицкоски најави реакција доколку има притисок

Премиерот најави дека ограничување на точење гориво е реална опција доколку се зголеми потрошувачката и се појави ризик за домашниот пазар.

1,155

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата е подготвена да воведе ограничувања при точење гориво доколку се зголеми притисокот врз домашниот пазар, особено поради зголемената потрошувачка од странски државјани.

Иако во моментов нема рестрикции, Мицкоски јасно порача дека оваа опција е на маса и ќе се активира ако се појави ризик од нарушување на снабдувањето.






– Во овој момент не гледаме причина да го ограничиме точењето гориво, но доколку дојде до таков предизвик, ќе донесеме одлука со која ќе се ограничи конзумот и износот – изјави премиерот.

Според него, Македонија моментално има стабилно снабдување и доволни резерви, но зголемениот интерес од граѓаните од соседните земји веќе создава дополнителен притисок. Дневно се трошат до 150.000 литри гориво од странски возачи, што е околу 10 проценти од вкупната потрошувачка.

Владата веќе интервенираше со намалување на ДДВ-то за горивата за да спречи раст на цените, но Мицкоски нагласи дека постојат и други механизми, меѓу кои и ограничување на продажбата, контрола на маржите и дополнителни мерки кон трговците.

Во моментов, снабдувачите располагаат со количини над законскиот минимум, додека државните резерви се доволни за повеќе од 60 дена, што значи дека нема непосредна опасност од недостиг.

Сепак, Владата будно ја следи состојбата на светските пазари и случувањата на Блискиот Исток, а секоја нова ескалација може да значи и нови мерки на домашен терен.

– Состојбата е стабилна, но ризиците постојат и ние сме тука да ги пресретнеме навреме – порача Мицкоски.

Поврзани содржини