РАКЕТИ ОД 6 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ПРОТИВ ЕВТИНИ ДРОНОВИ Украинците не можат да поверуваат како се трошат ракетите „Патриот“
Скапи ракети од милиони долари се користат против евтини дронови, а украинските офицери предупредуваат дека ваквиот пристап е неисплатлив во долгорочен конфликт.
Украински воени советници, кои по барање на американската Централна команда престојувале на Блискиот Исток, се вратиле запрепастени од начинот на кој се користат системите за противвоздушна одбрана во Персискиот Залив, објави британскиот весник „Тајмс“.
Според нивните сведоштва, некои заливски земји користат пресретнувачки ракети „Патриот“ многу поинтензивно отколку што тоа го прави Украина – понекогаш испукувајќи и до осум ракети кон една цел, дури и кога станува збор за релативно евтини дронови.
Една ракета од системот „Патриот“ чини повеќе од три милиони долари, што отвора сериозни прашања за економската одржливост на ваквиот пристап.
– Кога толку скапи ракети се користат против беспилотни летала што вредат многу помалку, проблемот веќе не е само воен, туку и економски. Во долготрајна војна, оваа математика оди против бранителот – изјавил украински офицер за „Тајмс“.
Тој објаснува дека украинските сили имаат поинаков пристап – обично користат една или две ракети, дури и против посериозни закани како балистички проектили.
– Ефективноста зависи од повеќе фактори – патеката на летот, густината на нападот и тактиката на непријателот. Но, пристапот е поштедлив и попрецизен – додава офицерот.
Според него, останува нејасно зошто САД и нивните сојузници не ги примениле во целост искуствата што Украина ги стекна во изминатите години под постојани воздушни напади.
Особено загрижувачки, како што наведува, е користењето на уште поскапи системи како „СМ-6“, чија цена достигнува и до шест милиони долари по ракета, за соборување на дронови од типот „Шахед“, кои вредат околу 70.000 долари.
– Со најскапата можна алатка се одговара на евтина закана. Тоа не е одржливо на долг рок – заклучува украинскиот офицер.