ЦЕНИТЕ НА ГОРИВАТА ЛЕТААТ НАГОРЕ, ВЛАДАТА РЕАГИРА Седница напладне, се чекаат мерки

По растот на светските цени на нафтата и најавеното ново поскапување, Владата најавува итни чекори за ублажување на ударот врз граѓаните.

399

Владата денеска напладне ќе одржи седница на која се очекува да донесе вонредни мерки за ублажување на растот на цените на горивата, по новиот бран поскапувања што го зафати и домашниот пазар.

Од Владата информираат дека растот на цените на светските нафтени берзи веќе се одразува и во земјава, а се очекува дополнително поскапување на дизелот и бензините веќе од почетокот на неделата.






– Цените на светските нафтени берзи растат, што се очекува дополнително да се одрази на домашната цена на горивата. Иако на бензинските станици во земјава има убедливо најевтини горива во споредба со регионот се очекува во понеделник да има дополнителен раст на цените на дизелот и на бензините. Заради тоа Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки за борба против високите цени на бензините со кои ќе се ублажи ценовниот скок, брифираа вчера од Владата.

Во меѓувреме, дел од бензинските пумпи веќе нудат пониски цени. Од 18 март, на пумпите на OKTA, Макпетрол и Лукоил горивата се продаваат за два денара поевтино од максималната цена утврдена од Регулаторна комисија за енергетика.

Ова поевтинување следува откако OKTA им понуди пониски цени на дистрибутерите, со цел тие да ја пренесат разликата и кон крајните потрошувачи.

Претходно, министерката за енергетика Сања Божиновска најави дека оваа мерка ќе важи до крајот на март, а директорот на компанијата, Димитриос Пасхос, посочи дека конечните цени сепак зависат од пазарните услови и политиките на трговците.

Инаку, со последните одлуки на Регулаторна комисија за енергетика, дизелот поскапе за 21 денар по литар, а бензините за 12 денари, што предизвика реакции кај граѓаните.

Како главна причина за поскапувањата се наведуваат случувањата на Блискиот Исток и нестабилноста на глобалните енергетски пазари.

Поврзани содржини