ПОБАРАЛ 100.000 ЕВРА МИТО ЗА ДА ДОЗВОЛИ УВОЗ НА НАВОДНО ЗАБРАНЕТИ ПРОИЗВОДИ Директорот на земјоделскиот инспекторат Васе Анакиев фатен додека земал 50.000 евра

Парите, 50.000 евра, првично ги презел шпедитерот, со цел подоцна да ги предаде на директорот Анакиев, а откако тој ги зел, полицијата извршила претрес на неговото возило и ги нашла под совозачкото седиште, соопшти МВР.

1,930

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев побарал мито од 100.000 евра за да му дозволи на увозник да внесе во Македонија производи и на кој му рекол дека за производите има забрана за влез и не се во согласност со македонските прописи.

Полицијата го уапси додека ја земал првата рата од поткупот во износ од 50.000 евра.






„На 20.3.2026 година полициски службеници од Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал го лишија од слобода Васе Анакиев (41) од Кочани . Против него до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција е поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело Примање поткуп по член 357 од Кривичниот законик“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Анакиев, во својство на службено лице, директор на Државен инспекторат за земјоделство, со цел стекнување на противправна имотна корист од сопственик на правен субјект кој се занимава со увоз, индиректно преку лице шпедитер побарал поткуп во износ од 100.000 евра, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши, се додава во соопштението.

„На оштетеното лице му било образложено дека за стоката што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник. Со цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати и тоа во еден наврат износ од 50.000 евра и во два наврати по 25.000 евра“, соопшти МВР.

На 19.3.2026 година е извршено примопредавање на 50.000 евра како прва рата од побараниот поткуп, додава полицијата.

„Парите првично од оштетеното лице ги презел шпедитерот, со цел подоцна да ги предаде на Анакиев. По земањето на парите од страна на Анакиев, преземени се оперативно тактички мерки и активности и врз основа на издадени наредби е извршен преглед на лице, превозно средство и багаж. При прегледот на патничко моторно возило, под совозачкото седиште, парите се пронајдени и се одземени“, се вели во соопштението на МВР.

Поврзани содржини