НОВ ШЕЛТЕР ВО СКОПЈЕ Засолниште за жртви на семејно насилство, локацијата тајна
Градот Скопје обезбеди стан за нов шелтер-центар, кој ќе нуди заштита, советување и поддршка за жртви на семејно насилство.
Градот Скопје отвори нов шелтер-центар наменет за заштита и поддршка на жртви на семејно насилство, кој ќе функционира како безбедно засолниште за оние на кои им е најпотребна помош.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека за таа цел е обезбеден стан во сопственост на Градот, кој е предаден на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“.
„Денес направивме чекор кој значи многу повеќе од формален чин – една идеја за поддршка и заштита добива свој дом, своја врата која ќе биде секогаш отворена за оние на кои им е најпотребна“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека новиот простор не е само објект, туку симбол на надеж и сигурност за жртвите.
„Овој простор е засолниште, надеж и нова шанса. Место каде што стравот полека се заменува со сигурност, каде што тишината добива глас, а болката – разбирање“, додаде градоначалникот.
Од безбедносни причини, точната локација на шелтер-центарот не се открива.
Со отворањето на центарот, како што посочи Ѓорѓиевски, се зајакнуваат сервисите кои обезбедуваат директна помош, советување и заштита на жртвите, а паралелно се обезбедуваат средства и за невладини организации кои работат во оваа област.
„Ова е порака дека насилството нема место во ниту еден дом. Секој човек заслужува живот без страв, без понижување и без болка“, истакна тој.
Градоначалникот додаде дека оваа мерка е дел од пошироката стратегија за градење на побезбедно и посолидарно Скопје, каде граѓаните ќе имаат поддршка во најтешките моменти.