АЛКИ ЗА НАСИЛНИЦИ ИЛИ ПОЛИТИЧКИ МАРКЕТИНГ?! Пешевска со остри критики по предлогот на опозицијата
Пратеничката Жаклина Пешевска предупредува дека предлогот за електронски алки е правно спорен, финансиски нејасен и тешко применлив во пракса.
Предлогот на опозицијата за воведување електронски алки за насилници отвора сериозни правни и практични дилеми и во ваква форма е тешко применлив, порача пратеничката Жаклина Пешевска на денешната прес-конференција.
Таа оцени дека на прв поглед мерката може да изгледа привлечно, но во суштина станува збор за недоработено решение без јасна правна и институционална рамка.
– Овој предлог отвора суштински правен проблем. Законот се предлага во рамки на граѓанска постапка, додека вакви мерки, како електронски нараквици, по својата природа припаѓаат во кривичното право – изјави Пешевска.
Според неа, ваквото мешање на различни правни системи може да доведе до сериозни проблеми во примената на законот.
Пратеничката дополнително предупреди дека тврдењето оти мерката нема финансиски импликации е нереално.
– Воведувањето на ваков систем подразбира набавка на опрема, техничка инфраструктура, центри за следење, обука на кадар и континуирано одржување. Прашањето е – кој ќе го финансира тоа и како? – рече Пешевска.
Таа посочи дека во предлогот не се одговорени низа клучни прашања, кој ќе ги обезбеди алките, кој ќе врши 24-часовен мониторинг и кои институции ќе бидат надлежни.
– Без овие одговори, станува збор за политички маркетинг, а не за сериозно законско решение – додаде таа.
Пешевска нагласи дека веќе постои работна група која работи на законски решенија во оваа област, но дел од предлагачите не учествуваат активно во процесот.
– Наместо импровизации, потребен е сериозен пристап базиран на анализа, законска усогласеност и реална примена – истакна таа.
Воедно, посочи и на практични проблеми, особено во случаи кога поранешни партнери имаат заеднички деца, каде контактот е неизбежен.
– Електронската алка не го решава проблемот, туку отвора нови компликации – рече Пешевска, додавајќи дека е неопходно да се анализира колку често се прекршуваат постојните мерки за забрана на приближување.
Таа заклучи дека борбата против насилството бара функционални и применливи решенија, а не популистички предлози.
– Насилството не се решава со неприменливи законски решенија, туку со систем што навистина ги штити жртвите – порача Пешевска.