БАГЕРИТЕ ИЗЛЕГОА НА ТЕРЕН ОД РАНО УТРО Урната дивоградба на државно земјиште во Гази Баба
Инспекциските служби на Општина Гази Баба урнаа дивоградба во Керамидница, а градоначалникот Бобан Стефковски најави дека борбата против бесправното градење ќе продолжи без исклучоци.
Екипи на секторот за инспекциски работи на Општина Гази Баба утрово урнаа дивоградба во населбата Керамидница, изградена на државно земјиште. Акцијата беше спроведена со присуство на надлежните служби, со цел да се заштити јавниот интерес и да се воспостави урбан ред.
Градоначалникот Бобан Стефковски порача дека институциите нема да прават компромиси кога станува збор за бесправното градење.
– Урната е уште една дивоградба и испраќаме јасна порака дека бесправното градење нема да се толерира. Законот важи подеднакво за сите и ќе се применува доследно и без исклучоци – изјави Стефковски.
Тој нагласи дека во изминатиот период биле реализирани повеќе акции за отстранување бесправно изградени објекти во различни населени места низ општината, додавајќи дека станува збор за континуирана стратегија за заштита на јавните површини и обезбедување планска изградба.
– Апелирам до граѓаните да не започнуваат градежни активности без одобрение за градење, бидејќи секоја бесправна градба ќе биде санкционирана согласно закон – истакна градоначалникот.
Од општината најавуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, со цел спречување на узурпација на државно земјиште и воспоставување ред во просторот.