📽️ 2.200 МАРИНЦИ НА САД И 3 БРОДОВИ ПАТУВААТ КОН БЛИСКИОТ ИСТОК Следната седмица ќе ги гаѓаме многу силно, вели Трамп
САД испраќаат 2.200 маринци и борбени авиони Ф-35 кон Блискиот Исток како засилување за операциите против Иран, додека Трамп најавува уште посилни напади во наредните денови.
Соединетите Американски Држави испраќаат експедициска единица од 2.200 маринци на три бродови на воената морнарица кон Блискиот Исток како поддршка на воената операција против Иран, дознава Еј-Би-Си Њуз од двајца американски официјални претставници.
Станува збор за 31. експедициска единица на маринци, која е постојано распоредена во Јапонија и делува во рамките на Индо-пацифичката команда на американската војска, но сега ѝ е наложено да се префрли во регионот на Блискиот Исток.
Официјалните лица во изјава за Ал Џезира истакнале дека распоредувањето на таа единица не значи нужно дека ќе биде користена како копнена борбена сила во Иран, но дека таа обезбедува копнени, амфибиски и воздушни капацитети кои можат да им бидат на располагање на воените команданти доколку биде потребно.
Во составот на таа експедициска единица се наоѓа и ескадрила борбени авиони Ф-35, како и ескадрила летала MV-22 „Osprey“ со нагибни ротори.
🚨US DEPLOYS 2,200 MARINES, 3 AMPHIBIOUS SHIPS FROM JAPAN TO MIDDLE EAST AMID IRAN WAR — ABC pic.twitter.com/Y79vCNv5gt #USA | #Iran | #Japan https://t.co/Y79vCNv5gt
— ⚡️🌎 World News 🌐⚡️ (@ferozwala) March 13, 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американските и израелските напади против Иран ќе продолжат и во третата недела, предупредувајќи дека Техеран ќе се соочи со дополнителни тешки напади во наредните денови.
– Ќе ги гаѓаме многу силно во текот на следната недела – изјави денеска Трамп за Фокс Њуз Радио.
– Уништивме поголем дел од нивните ракети – додаде тој.
Трамп исто така рече дека кредибилитетот на новиот врховен водач на Иран, Моџтаба Хамнеи, е ставен на тест по заканите од Техеран, пренесе ДПА.
– Многу зборуваа, па сега тој ќе мора да се докаже – рече Трамп, мислејќи на изјавите на иранските официјални лица.
Хамнеи, во изјавата што вчера ја прочита спикерот на државната телевизија, повика на одмазда за жртвите во војната со Соединетите Американски Држави и Израел.
Техеран, исто така, ќе продолжи да го користи Ормускиот Теснец, витален воден пат за нафта и гас, како средство за притисок против своите непријатели, се вели во соопштението.