ВОЈНАТА СО ИРАН ГО ПРАЗНИ АМЕРИКАНСКИОТ БУЏЕТ Над 11 милијарди долари потрошени за само шест дена
Американски медиуми тврдат дека само во првите шест дена од судирот со Иран биле потрошени над 11 милијарди долари, а аналитичарите предупредуваат дека најголемиот дел од трошоците не биле планирани.
Првите денови од воениот судир со Иран веќе ја чинат Америка милијарди долари. Според американски медиуми кои се повикуваат на извори од Пентагон, само во првите шест дена од конфликтот биле потрошени повеќе од 11,3 милијарди долари.
Во оваа сума не се вклучени трошоците за подготовка на операцијата, како распоредување воена опрема и војници пред почетокот на нападот на 28 февруари.
Според анализа на Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС), првите 100 часа од американско-израелските напади врз Иран ја чинеле администрацијата во Вашингтон околу 3,7 милијарди долари.
Тоа значи дека дневните трошоци достигнувале речиси 900 милиони долари, главно поради огромната потрошувачка на муниција.
Истражувачите Марк Кансијан и Крис Парк посочуваат дека само мал дел од овие средства биле однапред предвидени во буџетот.
Според нивната проценка, од вкупните 3,7 милијарди долари потрошени во првите часови од конфликтот, дури 3,5 милијарди долари не биле планирани во буџетот.
Поради тоа, се очекува Пентагон наскоро да побара дополнителни средства од Конгресот за да ги покрие непредвидените трошоци.
Аналитичарите предупредуваат дека ова може да стане политички проблем за администрацијата на Доналд Трамп и да отвори нова дебата во САД околу цената на војната.