ПРОМОЦИЈА НА „МОЈОТ ПАТ“ Монографија за Тони Баталаковски ќе биде претставена во Националната опера и балет
Книгата ги осветлува животот, сценската кариера и педагошката мисија на истакнатиот балетски уметник.
Монографијата „Мојот пат“, посветена на животот и делото на истакнатиот балетски уметник Антон (Тони) Баталаковски, ќе биде промовирана на 3 март во фоајето на Национална опера и балет во Скопје.
Настанот ќе започне во 19 часот и ќе биде посветен на еден од значајните творци во историјата на македонскиот балет. Автори на монографијата се д-р Соња Здравкова-Џепароска и д-р Александар Трајковски.
Книгата, поддржана од Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија, го следи животниот и професионалниот пат на Баталаковски – од сценските настапи до неговата педагошка и репетиторска работа.
Во монографијата се вклучени и бројни сведоштва и сеќавања за уметникот, кој како првенец на Балетот и прв директор на тогашниот балет при МНТ оставил силен белег врз развојот на македонската балетска сцена.
Изданието претставува документ за едно време и професија, но и трајно културно сведоштво за идните генерации.