ЗОРАН ЗАЕВ ГИ ТУЖИ ЗА КЛЕВЕТА БРАНЕ ПЕТРУШЕВСКИ И ЖАН МИТРЕВ Бара отштета од милион денари
Во едниот предмет, тужбата се однесува на изјави дадени на прес-конференција, а во другиот – на телевизиско гостување.
Поранешниот премиер Зоран Заев соопшти дека поднел тужби за клевета и нарушување на честа и угледот против Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и кардиохирургот д-р Жан Митрев, сопственик и управител на „Жан Митрев Клиник“.
Тужбите се поднесени до Основен суд Струмица, а вредноста на секоја од нив изнесува 500.000 денари.
„Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата. Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“ – напиша Заев во својата објава, во која објави и ПДФ-документи од самите тужби.
Според наводите во тужбите, Заев смета дека со јавни изјави и настапи биле изнесени невистинитити тврдења со кои се нарушува неговата чест и углед. Во едниот предмет, тужбата се однесува на изјави дадени на прес-конференција, а во другиот – на телевизиско гостување, при што, според тужителот, изнесените тврдења биле пренесени и од други медиуми и интернет-портали.
Во тужбите тужителот се повикува на одредби од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со барање за утврдување одговорност и надомест на нематеријална штета поради повреда на угледот.
Се очекува судот да решава по поднесените тужби во редовна постапка.