📷 РАБОТНИЧКИ КОНЕЧНО ДОБИ СОВРЕМЕН ДОМ Култната сала повторно во функција
По пет децении, култниот дом на Работнички повторно ги отвори вратите за младите и за кошарката
По пет децении, култната сала во Градски парк повторно ги отвори вратите и му даде нов дом на кошаркарскиот клуб Работнички. Објектот, целосно реконструиран, свечено го отвори градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Свеченоста беше проследена со богата спортска и музичка програма. На теренот се одигра ревијален натпревар меѓу младинците на Работнички и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, додека публиката уживаше и во настапи на хип-хоп групи.
Пред бројните гости, советници и спортски легенди, Герасимовски порача дека обновата е заедничка победа на граѓаните.
– Сѐ што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап дека заедно можеме да направиме сѐ, без политика, без делби, туку обединети во успесите – изјави Герасимовски.
Обраќајќи им се на младите кои ги исполнија трибините, градоначалникот нагласи дека обновениот објект е создаден токму за нив.
– Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас, за спорт, за натпревар, за другарување и за вистински вредности. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете здрави и конкурентни и да создавате резултати. Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони и ќе ја пишуваме новата историја – порача тој.
На настанот присуствуваа и ветерани на Работнички – Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“, симболот на Општина Центар.
Салата е обновена според стандардите на ФИБА. Поставен е нов паркет, модерно ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење и ладење, целосно се обновени соблекувалните и санитарните јазли, а трибините добија нови седишта и фасада.
Со реконструкцијата на салата во Градски парк, најтрофејниот македонски кошаркарски клуб доби современ дом, од каде се очекува да започне ново поглавје со нови спортски успеси.