СТАНАЛА ПРОФЕСИОНАЛНА АКТЕРКА НА ЕДВАЈ 16 ГОДИНИ Комеморација за Ленче Делова во Драмски театар

Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена.

105

Во присуство на семејството, голем број колеги, пријатели и почитувачи, денеска во Драмскиот театар се одржа комеморацијата за актерката Ленче Делова.

Во театрографијата на нејзината матична куќа останува забележено дека Ленче Делова, родена на 15 јуни 1948 година, станала професионална актерка на едвај 16 години. На сцената на театарот прв пат зачекорила во „Богомилска балада“, првата премиера изведена во тогаш новата и привремена зграда на Драмски, каде што останала до пензионирањето во 2004 година.






Богатата уметничка кариера на актерката Ленче Делова, ја потврдуваат 63 улоги одиграни на матичната сцена меѓу кои: Џенет (Фармерки, 1965);  Пере (Дундо Марое, 1966); Перце (Балада за Тил Ојленшпигел, 1968); Снежана (Пештера, 1969); Вида (Нажалена фамилија, 1971); Жената во авијатичарска облека (Ништо, 1972); Магда (Јане Задрогаз, 1974); Александра (Егор Буличов и другите, 1975); Офелија (Хамлет, 1977); Франческа/Кека/ (Рибарски караници, 1979); Евдокија, баба на Паца (Солунски патрдии, 1979); Марија Павловна Маша (Чехов – Подбивна среќо моја, 1980); Естер (Виктор или деца на власт, 1981); Ивона (Ивона, кнегиња бургундска, 1984); Папи Нортон (Хаос зад кулиси, 1985); Марија (Ноќ спроти водици, 1986); Госпожа Балабакова/Старата/ Кумата/  (Чернодрински се враќа дома, 1992); Херетка (Жени во народното собрание, 1994); Роза (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Бејб Бортел (Злостори на срцето, 1995); Трајанка (Ни ќар, ни зијан, 1996); Меџ (Гардеробер, 1996); Марина (Вујко Вања, 1997); Бабата (Падот на невиноста, 2002); Мама (Мачка на вжештен лимен покрив, 2003); Менка (Чија си?, 2013).

Ленче беше често присутна во нашите домови, преку телевизискиот екран каде што играше многу ликови во програмите наменети за најмладата публика во продукциите на сериите: „Итар Пејо“, „Ајде да се дружиме“, „Чук, чук Стојанче“, „Останок“, „Во светот на бајките“, „Салон Хармони“. Таа имаше значајни остварувања и во филмовите „Пред дождот“ и „До балчак“.

Добитник е на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ (1978). На МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп во 2006 година ја доби наградата за животно дело. Во 1996 година на истот фестивал ја доби наградата за најдобро актерско остварување за улогата на Трајанка во „Ни ќар-ни зијан“ која ја одби заедно со сите други наградени од претставата.

Телеграми со сочувство беа испратени од државниот врв и од колегите од повеќе македонски театри.

Во телеграмата со сочувство испратена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се истакна дека „Нејзините сценски интерпретации се одликуваа со автентична психолошка суптилност, топлина и природност, со што успеваше да интерпретира ликови кои остануваат трајно врежани во колективното сеќавање на публиката.“

Министерот Зоран Љутков во телеграмата напиша: „Ќе ја паметиме по нејзините улоги, по силните и автентични интерпретации со кои ѝ даваше живот на секоја сцена, по нејзиниот препознатлив глас и достоинствена појава. Со својот талент, посветеност и професионализам, таа остави длабок и траен белег во македонскиот театар, филм и телевизија, вградувајќи се во темелите на современата македонска култура.“

Колегите од Македонскиот народен театар во телеграмата споделија сеќавање на долгата кариера на Ленче од самите нејзини почетоци во 1965 година со зборовите: „Израсната и оформена како актерка во нејзиниот Драмски театар, Ленче Делова во текот на својата неколкудецениска актерска кариера покажа како лирската прецизност може да остане траен спомен и четиво за иднината.“

Поврзани содржини