НЕМА КРАТЕЊЕ НА ПАРИТЕ ЗА СУБВЕНЦИИ Министерот Трипуновски вели дека опозицијата шири дезинформации
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, вели дека опозицијата шири дезинформации и дека нема кратење или намалување на парите за субвенции.
– Имаше една дилема што опозицијата се обиде да ја искористи за политички поен. Верувам дека во состојба на безидејност, немање креативност и конкретни предлози, се обидуваат набрзина да остварат политички поени. Пласираа информација дека се скратени 40 милиони евра од Програмата за субвенции, што го отфрлам, тоа не е точно – истакна Трипуновски во гостување во радио „Лидер”.
Тој објасни дека во текот на годината, со ребаланс или со пренамена на средства, доколку има потреба, се обезбедуваат дополнителни средства во Програмата.
– За потсетување, во 2024 година ја наследивме Програмата со околу 100 милиони евра. Со ребалансот што го направи сегашната Влада беа обезбедени дополнителни средства и истата изнесуваше околу 117 милиони евра, а до крајот на годината Програмата беше дополнително зголемена со пренамена на средства и изнесуваше 137 милиони евра – потсети министерот Трипуновски.
Тој посочи дека средствата биле пренаменети за исплата на заостанати обврски од претходни години, наследени од претходната власт.
– Програмата што е донесена за тековната година, доколку има потреба од дополнителни средства, сигурно ќе биде дополнета. Проекцијата од 100 милиони евра е речиси идентична во изминатите 10-тина години и претставува стандардна рамка – додаде министерот.