СОБРАНИЕТО ЌЕ ОДРЖИ ОСМОМАРТОВСКА СЕДНИЦА Гаши им порача на пратениците да го почитуваат дигнитетот и етичкиот кодекс во меѓусебната комуникација

Ги замолив координаторите да им укажат на сите пратеници да бидеме сите повнимателни едни кон други, а исто и кон граѓаните, затоа што во односот што го имаме ние еден наспроти друг, честопати го уриваме и нашиот личен дигнитет, но и на Собранието, вели преѕседателот на Собранието, Африм Гаши.

102

Претседателот на Собранието, Африм Гаши ги повикал координаторите на пратеничките групи да им пренесат на пратениците дека треба да го сочуваат дигнитетот на Собранието и да го почитуваат етичкиот кодекс во меѓусебната комуникација, како внатре во законодавниот дом така и надвор од него, рече денеска тој на редовниот брифинг со новинарите.

Гаши овој став го изнел по минатонеделната преписка на социјалните мрежи помеѓу пратениците Димитар Апасиев од Левица и Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.






– Го иницирав прашањето на дигнитетот и етичкиот кодекс во врска со начинот како се однесуваме како пратеници и во Собранието и надвор од него. Ги замолив координаторите да им укажат на сите пратеници да бидеме сите повнимателни едни кон други, а исто и кон граѓаните, затоа што во односот што го имаме ние еден наспроти друг, честопати го уриваме и нашиот личен дигнитет, но и на Собранието. Политичките ставови, додаде тој, може да ги искажеме на говорница, но не мора да се понижуваме едни со други – рече Гаши.

На новинарски прашања Гаши информираше дека пратеничките групи, освен Левица, сè уште не доставиле предлози за членови за анкетната комисија за Кочани и за другите несреќи. Иако најавија, до петокот СДСМ не доставил имиња за членови на комисијата.

– Што се однесува до процедурата, сè е испочитувано. Можеме да зборуваме на координацијата и за ова – рече претседателот на Собранието.

Иако беше најавено дека до крајот на јануари ќе се состане работната група за Изборниот законик, досега не се одржал состанок.

В среда Собранието ќе ја одржи 85. седница, на која ќе бидат констатирани оставките на Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и на Цвета Ристовска, членка на Државната комисија за спречување на корупцијата. Се очекува Гоце Наумовски да биде избран за нов уставен судија.

На оваа седница би можел да биде ставен на дневен ред и предло-законот за минимална плата, што го предложи СДСМ. Гаши рече дека тој закон сè уште се проверува и оти еднаш веќе беше вратен на доработка.

Пред почетокот на работата на пратениците по точките од дневниот ред в среда ќе се одржат опозициските прашања до премиерот и до министрите.

Гаши информира дека седницата за пратенички прашања е закажана за 26 февруари.

На 5 март ќе се одржи седница посветена на Денот на жената – 8 Март, на која се очекува да присуствува и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Прашан за позициите на Алтернатива во врска со обединувањето на Вреди во еден политички субјект, Гаши, кој доаѓа од оваа политичка партија, рече дека актуелниот претседател на партијата, Беким Сали, кој воедно е и вицепремиер за евроинтеграции, има негова целосна поддршка. Гаши посочи дека нивниот став е дека обединувањето на Вреди во политичка партија треба да биде засновано врз принципите на рамноправност и консензуално одлучување, без да одговори дали во Алтернатива се согласни на процентуалните поделби во органите на партијата и во власта, што се посочуваат во медиумите. Според него, во Алтернатива повеќе се разговара за принципите и за што ќе се залага Вреди, како и за програмата, а не за тоа кој ќе биде претседател на партијата. Тој е дециден дека Вреди треба да оди кон окрупнување и дека албанскиот блок треба да се стабилизира и да има два блока, како во македонскиот, и оти се бара најдобриот начин како да се направи тоа.

Најавената реконструкција на Владата, вели Гаши, не се поврзува со процесите во Вреди.

Поврзани содржини