КРАЈ НА ПРИВРЕМЕНИТЕ ДИРЕКТОРИ, УДАР ПО СТАРИТЕ ПРАКТИКИ Минчев најавува мерит-систем за 100 институции
Законот се однесува исклучиво на директорите, заменик-директорите, членовите на управните одбори и државните секретари, кои се двигатели на институционалната стабилност и континуитетот во работата на институциите. Клучните новини се содржани во три пункта: воведување мерит-систем со постапка и јасни критериуми за избор, рационализација на управните одбори и строга регулација на В.Д. функциите, изјави министерот за јавна администрација во ТВ гостување.
По првичните реакции од јавноста и невладиниот сектор во врска со Предлог-законот за висока раководна служба, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во Дневникот на Сител телевизија, појасни дека станува збор за суштинска и долгоочекувана реформска мерка која воведува јасни правила, професионализам и одговорност во јавниот сектор.
– Овој закон е на реформската агенда на државата повеќе од 7 години. За првпат се нуди јасно и применливо решение кое ги опфаќа раководните и извршните функции во околу 100 институции и воспоставува транспарентни критериуми и постапки за избор – истакна Минчев.
Тој појасни дека Предлог-законот е изработен од интерресорска работна група, предводена од Министерството за јавна администрација, со учество на Генералниот секретаријат, Кабинетот на претседателот на Владата и Министерството за финансии.
– Законот се однесува исклучиво на директорите, заменик-директорите, членовите на управните одбори и државните секретари, кои се двигатели на институционалната стабилност и континуитетот во работата на институциите. Клучните новини се содржани во три пункта: воведување мерит-систем со постапка и јасни критериуми за избор, рационализација на управните одбори и строга регулација на В.Д. функциите – изјави министерот.
Минчев посочи дека бројот на членови во управните одбори ќе биде ограничен на максимум три, со што се прават значителни заштеди во државниот буџет и се прекинува досегашната пракса на нефункционални и преобемни управни тела.
– Со овој закон се става крај и на злоупотребата на В.Д. функциите, кои со години се користеа како механизам за заобиколување на системските решенија. Наместо привремени и политички решенија, воведуваме јасна, законска и професионална постапка – посочи тој.
Минчев нагласи дека целта на законот е создавање професионална, департизирана и ефикасна јавна администрација, во која напредувањето ќе се темели исклучиво на знаење, искуство и резултати.