ДЕНAРОТ Е СТАБИЛЕН Славески вели дека мора да ја следиме инфлацијата во ЕУ

Гувернерот истакна и дека постои широк општествен и економски консензус за придобивките од фиксниот девизен курс, што со децении успешно придонесува за стабилноста на македонската економија и претставува важен столб во процесот на европска интеграција и идното воведување на заедничката европска валута.

198

Монетарната политика успешно ја исполнува својата основна цел – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност во земјата, изјави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостување на телевизија „Телма”.

Тој посочи дека стабилноста на девизниот курс на денарот и натаму е цврсто закотвена. Стабилниот курс на денарот во однос на еврото претставува важен фактор за зачувувањето на довербата во економијата, финансиската стабилност и конкурентноста на домашната економија.






Во однос на инфлацијата, Славески нагласи дека се бележи стабилизирање на ценовните движења, а во одредени месеци во текот на минатата година има и намалување на ценовното ниво на месечно ниво.

Народната банка очекува дека во текот на оваа година инфлацијата и натаму ќе се намалува, што е во согласност со среднорочната цел за ценовна стабилност и приближување кон инфлацијата во еврозоната.

Проекцијата за инфлацијата оваа година се таа да биде меѓу 2,5 и 3%.

– Многу е важно нашата стапка на инфалција да биде во рамки на стапката на инфлација во еврозоната, затоа што ние имаме фиксен девизен курс. На некој начин и нашата ценовна стабилност е увезена од она што се случува во Европската Унија и еврозоната поради фиксниот девизен курс. И секое отстапување на нашата инфлација од инфлацијата во еврозоната може да влијае на постепено намалување на конкурентската способност на нашата економија. Ако цените кај нас раст побрзо одошто надвор, курсот останува, мислам номиналниот девизен курс стабилен, тоа е неминовна, да речам, последица – рече Славески.

Гувернерот зборуваше и за новата оперативна монетарна рамка, која овозможува банките  да пласираат средства кај Народната банка на 7 дена со каматна стапка од 4%, со дефиниран каматен коридор за краткорочните операции. Со ваквата поставеност се овозможува појасна насока за движењето на каматните стапки и се придонесува за одржување на стабилноста на финансискиот систем.

Славески нагласи банкарскиот систем располага со значителен вишок ликвидност, како и дека бележи постојан раст на штедењето кај населението. Во последните години се забележува и позитивен тренд на денаризација, односно раст на штедењето во домашна валута, што уште повеќе ја зајакнува стабилноста на денарот и довербата во домашниот финансиски систем.

Во однос на девизните резерви рече дека тие се одржуваат на високо и сигурно ниво од околу 4,9 милијарди евра, што претставува силна гаранција за стабилноста на девизниот курс и за отпорноста на економијата на надворешни шокови.

Славески истакна и дека постои широк општествен и економски консензус за придобивките од фиксниот девизен курс, што со децении успешно придонесува за стабилноста на македонската економија и претставува важен столб во процесот на европска интеграција и идното воведување на заедничката европска валута.

Поврзани содржини