ОТКРИЕНИ 150 ЦРНИ ТОЧКИ ВО СКОПЈЕ Ѓорѓиевски заедно со Улици и патишта ќе ги решава критичните точки

297

Околу 150 „црни“ точки во Скопје ќе бидат обележани или отстранети заради поголема безбедност во сообраќајот на улиците, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој беше прашан во врска со поставување сообраќајни знаци, особено пред училишта откако граѓани реагирале дека немало доволно сообраќајни знаци.






– Се согласувам и народот е во право. Ние имаме близу 150 критични или „црни“ точки што се веќе детектирани. Имавме состанок со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и во наредниот период ќе почнеме со еден процес, синхронизирана активност, сите заеднички да доведеме до состојба да работиме на отстранување на овие 150 „црни“ точки во кои спаѓаат и „црни“ точки со непоставени знаци, светлосна сигнализација и сето тоа. Веќе најавив дека за „Улици и патишта“ оваа година предвидуваме сериозни средства поврзани со смарт зелен бран – рече Ѓорѓиевски.

Тој рече дека е добро што е направена измена во законот во однос на поставување на таканаречените лежечки полицајци.

– Да сумирам, во наредниот период – опсежни активности во координација со Министерството за внатрешни работи, некаде ќе се приклучи и Министерството за транспорт, но фронтмен во целата активност се Градот Скопје и Јавното претпријатие за улици и патишта. Агендата ни е, сто и педесетина критични точки или „црни“ точки во главниот град, да бидат обезбедени за да влијаеме за што помалку сообраќајни незгоди и не дај Боже, смртни случаи – истакна Ѓорѓиевски.

На новинарско прашање, доколку возач на автобус од ЈСП надмине брзина или помине на црвено, кој ќе ја плати казната, дали ЈСП или возачот, Ѓорѓиевски рече дека одговорноста ја сноси лицето кое управувало со возилото.

– И во Градот Скопје и во сите јавни претпријатија, одговорноста е пред сè кај тој кој го управува возилото. Целиот трошок ќе биде на сметката на тој којшто направил прекршок. Онаму каде што нема да може да се утврди кој е тој што го возел возилото – дали е тоа механизација или лесно, патничко возило и така натаму, одговорноста оди кај шефот на возен парк, односно тој кој е овластен да раководи со возилата. Во наредниот период ќе биде спроведена постапка по принципот на модерните претпријатија во светот, во Европа, со ГПС навигација, уреди, но и отчитувачи со картица, за возилото да не може да функционира доколку не се регистрира возачот, а и ние точно да знаеме која е трасата на движење. Но, ќе бидат поставени затоа што, не можам со сигурност да го потврдам – има други служби што го потврдуваат тоа, дека во минатото вршеле и злоупотреби во однос на горивото. Ќе бидат поставени и специјални мерачи што и едно литро да покаже поголема потрошувачка, дали е на патничко или е на тешка механизација возило, веднаш ќе алармира во систем и ќе се прави проверка дали е дефект или пак е за потенцијална злоупотреба на возилото – одговори Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини