„ВОЗДУХОТ НЕ Е ЛУКСУЗ, ТОА Е ПРАВО“ Граѓани на протест побараа да се затвори цементарницата „Усје“

Учесниците на протестот изразија незадоволство од досегашната реакција на надлежните институции во однос на заштитата на здравјето на граѓаните од загадувањето на воздухот.

42

Со транспаренти со пораки „Профит за нив, болести за нас“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксуз, тоа е право“, „Профит за Усје, болест за народот“ и „Стоп за Усје“, граѓани денеска протестираа барајќи затворање на цементарницата, посочувајќи дека економскиот профит не смее да биде над здравјето на луѓето.

Учесниците на протестот изразија незадоволство од досегашната реакција на надлежните институции во однос на заштитата на здравјето на граѓаните од загадувањето на воздухот.
Протестот започна пред Влада, по што демонстрантите се упатија кон Собрание и продолжија пред Министерство за животна средина и просторно планирање. Учесниците порачаа дека институциите имаат одговорност кон граѓаните и дека барањата за заштита на здравјето и животната средина мора да добијат конкретен и итен институционален одговор.
Дел од пораките упатени преку транспарентите се однесуваа и на прашањето за мерењето на загадувањето, со критики дека реалната состојба не се прикажува соодветно и дека граѓаните со години се изложени на штетни емисии. Присутните истакнаа дека не можат да прифатат состојба во која, како што рекоа, „не можеме да дишеме од профит“, нагласувајќи дека правото на чист воздух е основно човеково право, а не привилегија.
Според „Усје“, цементарницата повеќе од еден месец е цел на неосновани напади, а квалитетот на воздухот е ист дури и кога цеменатрницата не работи.






На новинарско прашање за денешниот протест премиерот Христијан Мицкоски изјави дека протестите се легитимно демократско право и дека секој граѓанин има право јавно да го искаже своето незадоволство.

Тој посочи дека актуелната Влада презела конкретни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина, меѓу кои и потпишување договори за изградба на когенеративни централи и системи за далечинско греење, како и донесување одлуки за набавка на електрични автобуси.

Поврзани содржини