ПОЛИТИКАТА НАДВОР ОД ЗЕЛС Ѓорѓиевски најави нов начин на работа и клучни реформи

На втората седница на Управниот одбор во новиот состав беа усвоени приоритети за дигитална администрација, деполитизација и воведување комунална полиција.

206

Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја предводеше втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа во новиот состав, на која беа усвоени неколку важни одлуки насочени кон јакнење на општините и поефикасна јавна администрација.

На седницата, како клучни приоритети беа посочени деполитизацијата на работата на ЗЕЛС, воведувањето современи дигитални алатки за управување со човечки ресурси и законските измени за формирање комунална полиција.






Особено внимание привлече присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, што ќе функционира како единствен информативен центар за целата јавна администрација.

– Со ова решение се воспоставува модерен и функционален систем за собирање и управување со податоците за сите вработени. Тоа е сериозен чекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна администрација – истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека Управниот одбор на ЗЕЛС ќе функционира без партиски влијанија и дека за клучните прашања општините мора да настапуваат со заеднички став.

– Ова е тело во кое политиката нема да има место. Обединети сме околу заеднички цели и колку ЗЕЛС е посилен и пообединет, толку повеќе добиваат општините и граѓаните – порача Ѓорѓиевски.

Како јасен приоритет повторно беше истакнато воведувањето комунална полиција преку законски измени, со цел воспоставување поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво.

Ѓорѓиевски изрази уверување дека новиот состав на Управниот одбор ќе остави траен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и процесот на децентрализација, во интерес на граѓаните и рамномерниот развој на општините.

Поврзани содржини