„НЀ ТРЕТИРААТ КАКО ЖИВОТНИ, ОВА Е СРАМОТА“ Хрватскиот селектор Сигурдсон жестоко ја нападна ЕХФ
Селекторот Дагур Сигурдсон жестоко ја нападна ЕХФ по напорните патувања и лошите услови пред денешниот дуел со Германија.
Хрватската ракометна репрезентација денеска ја очекува полуфиналниот судир со Германија, но наместо мирна подготовка за големиот натпревар, тимот се соочил со сериозни проблеми и хаотична организација, поради што селекторот Дагур Сигурдсон јавно удри по Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Сигурдсон без влакна на јазикот ја спореди ЕХФ со компанија за брза храна, обвинувајќи ја дека се грижи само за профитот и шоуто, а воопшто не за здравјето и условите на играчите.
– Тие се како фаст-фуд компанија, не ги интересира квалитетот, туку само продажбата. Никој не зборува за тоа дека моравме да патуваме четири часа од Малме до Хернинг. Имавме два дена помалку за одмор од другите селекции, а одигравме седум натпревари. Тоа е апсурдно – изјави видно револтираниот селектор.
По обезбедениот пласман во полуфиналето, Хрватите биле приморани на долги автобуски патувања, без соодветни услови за одмор и подготовка. Дополнителен проблем бил и фактот што репрезентацијата не била сместена во близина на салата во Хернинг, па играчите патувале повеќе од половина час во еден правец.
– Не можевме ниту да одржиме тренинг. Возевме до прес-конференција, па назад. Ситуацијата стана алармантна. Ние сме во полуфинале, а се однесуваат со нас како со животни – додаде Сигурдсон.
Најшокантниот детал, кој предизвика бурни реакции во јавноста, е информацијата дека по четвртфиналната победа над Унгарија, некои хрватски ракометари биле толку исцрпени што спиеле на подот од автобусот за време на напорното патување. Фотографии од автобусот веќе кружат на социјалните мрежи и ја потврдуваат тешката состојба во која се нашол тимот.
– Ќе бидам среќен кога ќе си заминеме одовде. Кога работите стануваат неправедни, мора да се зборува гласно. Другите селекции имаат далеку подобри услови – заклучи хрватскиот селектор.
Ovo je slika i prilika organizacije Eura. Naši reprezentativci umjesto u Herning, smješteni su u 40 km udaljeni Silkeborg. Svi ostali polufinalisti smješteni su u Herningu. Dečki su igrali DVA dana ZAREDOM, i jutros se 5 sati vozili busom. Iscrpljeni spavali na podu. Sramota. pic.twitter.com/Rxawc9cF8E
— Ivan Forjan (@ForjanNovaTV) January 29, 2026
И покрај сите проблеми, Хрватска денеска во 17:45 часот ќе се обиде да најде сила за дуелот со Германија, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Данска и Исланд.