КЛУЧ НА ВРАТА ЗА НАД 4.000 ДУЌАНИ Новиот закон за пушење ги гаси малите бизниси

Малите продажни објекти предупредуваат дека забраните за изложување и продажба на тутунски производи може да значат отпуштања и целосно гасење на бизнисите.

364

Малите продажни објекти – тобако продавници, киосци, мини-маркети и други семејни бизниси – предупредуваат дека новиот Закон за заштита од пушење може сериозно да ја загрози нивната егзистенција. Според нив, законските измени носат дополнителни трошоци и загуби што за дел од трговците ќе значат отпуштање вработени, а за други, целосно затворање на дуќаните.

Сопствениците на овие објекти реагираат дека одредбите кои се однесуваат на начинот на продажба, изложување и комуникација на цигарите и другите тутунски и никотински производи директно ги удираат малите бизниси низ целата земја.






Според податоците на Стопанската комора на Северна Македонија, станува збор за повеќе од 4.000 мали и средни бизниси, од кои голем дел од месечните приходи ги остваруваат токму преку долгорочни договори со тутунската индустрија.

Затоа, трговците бараат поправедно законско решение и воведување преоден период, кој ќе им овозможи да се прилагодат на новите правила без да западнат во финансиски колапс.

Нацрт-законот предвидува целосна забрана за изложување на цигари и други тутунски и никотински производи, како и на уредите за нивна употреба. Овие производи ќе мора да се чуваат во непроѕирни, затворени шкафови, недостапни за купувачите. Дополнително, шкафовите не смеат да имаат осветлување, бои или елементи што привлекуваат внимание, а продажните објекти нема да смеат да имаат никаков брендинг или визуелна комуникација што укажува на продажба на тутунски производи.

Малите трговци велат дека ваквото решение ги погодува токму оние што со години работеле легално и инвестирале според важечките прописи.

– Во изминатите години вложивме значителни средства во уредување на продажниот простор, витрини и безбедносни системи, сè прилагодено за продажба на тутунски производи од кои реално живееме. Со новите ограничувања, тие инвестиции стануваат бескорисни. Голем дел од нас се задолжени со кредити, а оваа нагла промена може да значи целосно затворање на бизнисите од кои се хранат цели семејства – велат трговците.

Како сериозен проблем го посочуваат и фактот што законот предвидува исклучок за специјализирани продавници за тутун и никотински производи, но не прецизира кои објекти спаѓаат во таа категорија. Нема јасни критериуми за нивната големина и локација, ниту пак е објаснето дали и како постојните продавници можат да се прилагодат, што, според трговците, остава простор за различни толкувања и селективна примена.

Дополнителен удар е и отсуството на преоден период за прилагодување.

– Целосна промена на деловниот модел не се прави преку ноќ. Потребни се месеци, па и една година. Без преоден рок, ќе мора нагло да ги раскинеме договорите со дистрибутерите, да го преуредиме просторот и да го отстраниме целиот брендинг. Тоа води кон финансиски хаос, отпуштања и масовно затворање на мали продавници – предупредуваат трговците.

Отворено останува и прашањето за залихите на ароматизирани тутунски и никотински производи, чија продажба со новиот закон целосно се забранува. Трговците прашуваат што ќе се случи со веќе набавените количини, за кои се платени сите давачки кон државата, бидејќи законот не предвидува ниту преоден рок за продажба, ниту механизам за враќање или обештетување.

Поврзани содржини