ПО 30 ГОДИНИ СЕ РЕКОНСТРУИРА ПЕРО НАКОВ Нов асфалт, тротоари и осветлување во Гази Баба

По 30 години запоставеност, улицата Перо Наков добива нов асфалт, тротоари, осветлување и канализација.

1,003

По речиси 30 години чекање, денеска официјално започна целосната реконструкција на улицата Перо Наков во општина Гази Баба, една од најфреквентните и најзапоставени сообраќајници во овој дел од Скопје.

Стартот на градежните работи го означија градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, со порака дека улицата конечно ќе добие модерен изглед и услови достојни за секојдневно безбедно движење.






– По речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата Перо Наков. Станува збор за сообраќајна артерија што секојдневно ја користат илјадници жители, а со години беше во катастрофална состојба – објави Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Тој нагласи дека со овој проект завршува периодот на небезбедно и отежнато движење.

– Тоа време завршува. За Гази Баба доаѓа нова ера на уреденост, безбедност и достоинствено секојдневие – порача градоначалникот на Скопје.

Реконструкцијата предвидува изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферска канализација, поставување нов асфалт, современо јавно осветлување и подземно поставување на операторските мрежи. Со овие зафати, целиот потег добива целосно нов лик и значително се подобрува безбедноста за пешаците и возачите.

– Продолжуваме со силно темпо и целосна посветеност. Секој проект е чекор поблиску до подобар град. Скопјани заслужуваат улици по кои се поминува со сигурност и чувство дека градот се грижи за нив – додаде Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини